Пендаровски: Примајќи ја нашата Црква во евхаристиско општење, Вселенската Патријаршија ги избриша вештачки создадените поделби

од Берта Китинска
268 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски, по повод признавањето на каноничноста на нашата Црква од страна на Вселенската патријаршија упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан.

„Со голема радост ја примив веста за историската одлука на Светиот и Севишен Синод на Вселенската Патријаршија и на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј. Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Светиот архиерејски синод, на целото свештенство и монаштво и на сите верници од православната вероисповед да ви ја честитам веста за признавање на каноничноста на нашата Црква од страна на Мајката Црква.

Со оваа важна одлука се исправа долгата историска неправда нанесена врз нашата Црква и нејзините верници и се исцелуваат длабоките рани поради децениите изолација со кои се соочи возобновената Охридска Архиепископија. Примајќи ја нашата Црква во евхаристиско општење, Вселенската Патријаршија ги избриша вештачки создадените поделби и го отвори просторот за градење на духовно единство на православните верници.

Со ваквиот чекор, Патријархот Вартоломеј и Вселенската Патријаршија не само што ја препознаваат реалноста на нашата жива православна Црква, туку го признаваат и нејзиниот историски континуитет со древната Охридска Архиепископија која низ вековите била прибежиште и извор на духовна сила и надеж за православните верници“, се наведува во честитката на претседателот на државата во која се изразува надеж дека оваа одлука отвора можност за духовен раст на нашата Црква и за напредок и помирување во македонското општество.

Слични содржини