Пендаровски шокиран од одлуката на Апелација: „Пораз за правната држава и доказ за ниската доверба во правосудството“

од Nikola Popovski
168 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски е разочаран од одлуката на Апелациониот суд да ја укине пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ со масовното незаконско прислушување во УБК. Со ова предметот се враќа на повторно судење.

-Шокиран сум од одлуката на апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“. Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата, објави претседателот.

Поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи Никола Димитров порача дека ваквата одлука е „срам за судството, институција со најмала доверба во државата што е на добар пат да ги изгуби и тие 8 проценти, одлука што е горчлив пораз на жедта за правда на целата нација“.

Поранешниот премиер Зоран Заев на Фејсбук напиша дека „двете поништени пресуди значат поттик за повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка“. Тој истакна дека на ваков начин се мотивираат и други да прават грозоморни дејствија.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска исто така изрази голема загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд. Таа го повика второстепениот суд детално да ја образложи оваа одлука.

Слични содржини