Претседателот Стево Пендаровски од денеска престојува во работна посета на Француската Република, по повод одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов.
Претседателот Пендаровски утре – 21 март 2023 година, вторник, во седиштето на УНЕСКО во Париз ќе се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов, настан во рамки на одбележувањето на „2023 – Година во чест на Ацо Шопов”, што се реализира под покровителство на македонскиот претседател. Исто така, претседателот Пендаровски ќе присуствува на поетски перформанс и изложба во чест на Шопов.
Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.
Претседателот Пендаровски денеска во Париз ќе го посети Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации – ИНАЛКО, каде ќе оствари средба со директорот на институтот, Жан Франсоа-Хуше, како и средба со Фроса Пејоска-Бушеро, шеф на Катедрата за македонски студии при ИНАЛКО и Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик на институтот.
Претседателот Стево Пендаровски е покровител на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, што се одбележува со низа настани во текот на 2023 година.
Чествувањето на големиот јубилеј е во соработка со Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО, којашто на иницијатива на Република Северна Македонија, го поддржа и се вклучи во одбележувањето на јубилејот.