Пендиков бара менување на образовната програма: „Бугарите не се фашисти како што се претставени во Македонија“

од Nikola Popovski
367 прегледи

Секретарот на згаснатиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков синоќа повторно истакнал дека има закани за напади врз македонски државјани со бугарска самосвест во нашата земја. Тој во гостување на емисија порачал дека заканите ги пријавуваат во полиција, но Основното јавно обвинителство не преземало ништо.

-Ова им сигнализира на авторите на заканите дека се заштитени и дека никој не ги проследува пријавите, а жртвите се игнорираат, изјавил Пендиков во емисијата „Брисел 1“ на бугарската телевизија „Bg on Air“.

Тој побарал од официјалните бугарски власти правна заштита за Бугарите во Македонија.

По повеќе од една година по пукањето врз сега згаснатиот клуб во Охрид, Пендиков изјавил никој не е уапсен и дека немаат информации од македонската полиција.

-Ја поднесов пријавата, ме повикаа да сведочам, им дадов видео од камерите каде што се гледа дека се пукало од автомобил. Фала богу немаше жртви, но можеше да има. Само неколку минути претходно имаше луѓе во клубот, објаснил Пендиков.

Според охриѓанецот кој во меѓувреме доби бугарско државјанство, образовната програма во Македонија мора да се смени. Како што истакнал тој во интервјуто, „мора да се земе предвид светската историја за да се знае дека Бугарите не се фашисти, како што се претставени во земјава“.

-Мора да се учи историската вистина, а не лажна историја која влева лоши чувства кон Бугарите. Кога детето оди во прво одделение низ историјата почнуваат да му влеваат омраза кон Бугарите. На 11 година веќе имаат вродена омраза кон Бугарите. Ова се случува затоа што учиме невистини. Ако ја учиме историската вистина во РСМ, нема да има проблем со омразата. Сакаме да учиме историја како што се учи во сите земји во светот, а не само ние да ја научиме токму спротивната историја по обратна образовна програма, изјавил меѓу другото Пендиков.

Христијан Пендиков беше претепан пред кафе-бар во Охрид на 19 јануари годинава. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје, а по неговото лекување во Бугарија, Пендиков доби и бугарско државјанство.

По претепувањето, тој со авион испратен од бугарските власти беше пренесен на операција на ВМА во Софија – со скршена вилица и повреди на ребрата и градниот кош.

Против него се води предмет во охридското обвинителство поради омаловажување на македонскиот народ и Македонија.

Слични содржини