Бугарската потпретседателка Илијана Јотова попладнево во тамошното Претседателство му ги врачи бугарските лични документи и државјанство на охриѓанецот Христијан Пендиков.
„Се чувствувам помирно што можам да отидам во Северна Македонија, каде што се соочувам со искушенија. Се чувствувам позаштитен кога знам дека ме штити земја како Бугарија. Во Северна Македонија секојдневно добивам закани по мојот живот“, рекол Пендиков на свечената церемонија.
„Планирам овде да посетувам универзитет и да студирам меѓународни односи, а потоа да се вратам во РСМ и да им помагам на другите Бугари од Македонија“, додал тој.
Јотова во изјава за медиумите рекла дека очекува извинување од Македонија.
„Тоа ќе го проценат тамошните власти. Ако навистина се држат до позициите што ги декларираат пред нас, да – очекувам извинување“, изјавил бугарската потпреседателка во однос на случајот со претепувањето на Пендиков, за што се води судски процес во Охридскиот суд.
Јотова зборувала и за процесот на добивање на бугарско државјанство.
„Сите што поднеле барање за бугарско државјанство по потекло го добиваат доколку се исполнети сите услови според нашето законодавство. Сепак, најважна е волјата. Со последните измени на законот, процесот трае околу 2 години. Лично јас сметам дека овие рокови мора да се оптимизираат, но потребни се човечки ресурси, особено во Министерството за правда“, одговорила Јотова.
Секретарот на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, кој е роден Охриѓанец со бугарска самосвест, Христијан Пендиков, беше нападнат и претепан во Охрид наводно поради тоа што се чувствувал како Бугарин. Во минатото, како што можеше да се види на фотографиите на социјалните мрежи, Пендиков бил симпатизер и активист на ВМРО-ДПМНЕ. Во моментов живее во Софија, каде доби стан од бугарската држава.