Пендиков се пожали дека се уште добива закани: „Третманот на македонските Бугари ќе продолжи да биде многу лош“

од Nikola Popovski
204 прегледи

Сè уште добивам закани, но тие не се толку интензивни како на почетокот, изјавил македонскиот граѓанин со бугарска самосвест и поранешен секретар на затворениот бугарски клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков во интервју за „БНР“.

Се пожалил дека и понатаму трпи притисоци.

„Тоа е притисокот што го добиваме ние, македонските Бугари, како закани на социјалните мрежи дека сме национални предавници и ќе бидеме тепани. Колку и да звучи лошо, се навикнуваме на тоа“, додал Пендиков.

Секретарот на поранешниот бугарски културен клуб во Охрид бил запрашан и за судскиот процес што се води за нападот врз него.

„Можно е напаѓачите да бидат осудени со првостепена одлука, но очекувам да ја обжалат и да помине време и случајот да се заборави“, рекол сега веќе бугарскиот државјанин.

Пендиков бил запрашан и околу евентуалните уставни измени, со кои Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав.

„Ако ги следиме првите чекори на (премиерот) Мицкоски, тој рече дека оваа политика нема да запре“, истакнал Пендиков во интервјуто.

„Со други зборови, третманот на македонските Бугари ќе продолжи да биде многу лош, но барем властите нема да се преправаат дека тоа не е така. Не сум слушнал за млади луѓе во Македонија кои се антибугари. Нема таква омраза како што се излева во медиумите. Омразата е подметната од политичарите“, кажал поранешниот секретар на бугарскиот клуб.

Охриѓанецот кој моментално живее во Софија, на 19 јануари минатата година беше претепан пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, тој доби и бугарско државјанство, што му го врачи потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Следното судско рочиште по предметот за неговото претепување, судијата Бојан Мартиноски го закажа за 10 септември, за кога е најавено презентирање на доказите на обраната.

Слични содржини