Охриѓанецот кој неодамна доби бугарско државјанство, Христијан Пендиков денеска повторно се појави во Охрид на рочиштето за случајот со физичкиот напад врз него, што се случи во јануари годинава.
Пендиков во изјава за медиумите порача дека бил повикан во полиција на распознавање на неговите напаѓачи.
-Бев во полиција, но вториот напаѓач уште не се појави и не можат да го најдат. Се чувствувам загрозен. Добивам закани на социјални закани, Инстаграм, на коментари читам закани каде што сакаат да ме убијат. Не се чувствувам океј. Пријавено е во полиција, редовно се пријавува, пријавено е и во ОБСЕ, рече поранешниот генсек на згаснатиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ пред Охридскиот суд.
Додаде дека „нормално претстојува во Македонија, со надеж дека нема да го убијат“.
-Се надевам дека ќе одиме нанапред и нема да се тепаме заради некое национално чувство. Се случи инцидент за кој надевам нема да се повтори. Никој не треба да биде тепан или омаловажуван поради своја национална припадност, истакна Пендиков.
На новинарско прашање дали се знаеше со напаѓачот и првообвинетиот Илија Спасески, адвокатот на Пендиков се уфрли и одговори дека неговиот клиент дал изјава во Обвинителството и ќе даде одговор пред судот во постапката, кога ќе биде сослушан во својство на оштетен.
Инцидентот со Пендиков се случи на 19 јануари во угостителски објект на кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, тој доби и бугарско државјанство, кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.