Пендиков: Верувам дека македонското судство ќе ги казни оние што ме нападнаа

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

Сите веќе знаат од медиумите што се случи со судскиот слчај. Мислам дека многу луѓе беа изненадени што отидов да сведочам. Му верувам на правосудниот систем во Северна Македонија да спроведе правично судење и да ги казни оние кои ме нападнаа само затоа што сум македонски Бугарин, изјавил охриѓанецот Христијан Пендиков во интервју за фондацијата „Бугарска меморија“ на контроверзниот Милен Врабевски.

Како што пренесува „БТА“, Пендиков во интервјуто истакнал дека во моментов живее во Софија, ја учи граматиката на бугарскиот јазик, бугарската историја и се подготвува за испит.

-Закрепнувањето оди се подобро и подобро, фала му на Бога, и се надевам дека сето тоа ќе заврши наскоро. Овде сакам да му се заблагодарам на д-р Милен Врабевски, кој неизмерно ми помогна и продолжува да ми помага, ми обезбеди дополнителен третман во приватните клиники за побрзо да закрепнам, ми ги финансираше часовите по бугарски јазик и бугарска историја и ми даде финансиска помош за да почнам да го градам мојот живот во Софија, рекол Пендиков.

Охриѓанецот се осврнал и на односите меѓу Македонија и Бугарија.

-Во последните 2 години премногу омраза против Бугарија беше вештачки излеана во народот на Северна Македонија. Продолжувам да бидам оптимист и се надевам дека конечно ќе го видиме ова светло на крајот од тунелот, но тоа пред се зависи од политичарите и институциите во Скопје. Сите гледаме дека Бугарија подаде рака на пријателство, но не можеме да се потпреме само на неа за заедничка европска иднина, вели Пендиков и додава дека откако ќе заврши факултет во Бугарија ќе се врати во Македонија, за како што вели, „бидејќи и ние македонските Бугари имаме право да живееме и работиме на земјата на нашите предци“.

Врабевски во Бугарија е познат како филантроп кој е основач на Фондацијата „Бугарска меморија”, а во земјава неговото име стана актуелно кога лани во мај овозможи македонски граѓани да бидат вакцинирани против Ковид-19 преку неговата компанија ,,Комак Медикал” на граничните пунктови Станке Лисичково – Делчево и Златарево – Ново Село. Тој не крие дека бугарските клубови во земјава се отворени со негово спонзорство.

Неодамна Врабевски заедно со европратеникот Андреј Ковачев добија забрана за влез во земјава.

Слични содржини