Управувањето со отпадот се уште е голем предизвик кај нас, уште повеќе што во област, спроведувањето на европските директиви бара ангажирање на големи финансиски ресурси, но и знаење. Затоа е важно да се аплицираат нови решенија, кои што исовремено ќе направат промени во повеќе сфери, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во рамки на презентацијата на Истражувањето на Пакомак за интегрирање на неформалните собирачи во формалната економија.
-Ја поздравувам иницијативата на Пакомак за изнаоѓање на нови, иновативни форми за управување со отпадот од пакување. Пакомак е пионер во оваа област и со своето работење, повеќе од една деценија активно придонесува во подигнувањето на свеста кај граѓаните и менување на односот кон отпадот. Во зависност од третирањето, отпадот од пакување може да биде најмасовен загадувач, или пак да создаде нова вредност преку негова преработка.
Преку нови форми на организирање, корисноста може да биде повеќе димензионална, во исто време да се остваруваат и економски и социјални цели и да се придонесе за инклузивен и одржлив развој, а додадената вредност е во солидарноста, во интегрирањето на маргинализираните групи во формалната економија и во подигнувањето на стандардот на услугата.
– Јавната чистота е првата слика која го создава впечатокот за работењето на локалната власт и на локалните служби. Оваа иницијатива е добар поттик надлежните институции и локалната самоуправа, секој во својата надлежност, да создадеме поволни услови за да заживее овој концепт на организирање.
Неформалното собирање на отпадот од пакување е наше секојдневје. Сите сме свесни дека многу граѓани на овој начин ја обезбедуваат својата егзистенција. Но, без формализирање на овие активности, многу често направената штета е поголема од корисноста. Тоа најдобро го знаат локалните власти, затоа што управувањето со отпадот е локална надлежност и тие се соочуваат со граѓаните кои што со право, често реагираат. Затоа локалните власти се најповикани да учествуваат во развивањето на овој концепт.
Министерството за локална самоуправа при поддршката на проекти за развој на општините и на планските региони секогаш инсистира на принципите кои што произлегуваат од европските стратешки документи и од развојните цели на ОН – рамномерен, инклузивен, одржлив и зелен развој. Праведен пристап до јавните добра и нивно искористување на одржлив начин.