Со поддршка од ЕУ и од Министерството за локална самоуправа општина Ѓорче Петров решава важно прашање за граѓаните изградба на колектор за отпадни води што ќе се заштити животната средина и ќе се подобри квалитетот на живеење на жителите на село Орман, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов кој денеска направи увид во завршните градежни работи.
– Овој проект се реализира во рамки на Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија – Косово со вкупен износ од 329 илјади евра. Дел од сумата е обезбедена преку ИПА Програмата на ЕУ, со учество на Министерството за локална самоуправа од 15% и на општина Ѓорче Петров од 11.8%, додаде Пенов.
Министерот Пенов изрази задоволство од динамиката на реализација на проектот кој што е од голема важност за заштита на животната средина и кој што решава важно прашање за жителите на село Орман.
-Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија е одлична можност за општините да реализираат важни проекти кои што се приоритетни за граѓаните. Министерството за локална самоуправа ги охрабрува општините да подготвуваат проекти и да аплицираат на јавните повици за прекугранична соработка, но притоа секогаш да ги имаат предвид реалните потреби на граѓаните, додаде тој.
Изградбата на Колекторот е во завршна фаза и проектот ќе биде реализиран во предвидениот рок до крајот на годината.
-Имаме одговорност пред Европската Унија и пред сопствените граѓани средствата да ги користиме на транспарентен и отчетен начин и да реализираме проекти кои што прават позитивни промени преку подобрување на услугите и на квалитетот на живеење на граѓаните, заклучи Пенов.