Пенов: Две третини од моите мандати во Скопје ги поминав како опозиционер и без никаква помош од централната власт

од Vladimir Zorba
1,7K прегледи

Актуелната ситуација во која општините, притиснати од товарот на зголемените сметки за електрична енергија најавуваат радикализирање е повод за разговор со Ристо Пенов, еден од претходните градоначалници на главниот град за кои скопјани се уште зборуваат со најголем пиетет.

Во интервју за „Локално“ тој  забележува дека ниту една од општините не ги користи проширените овластувања што ги добија со законските измени во 2006 година, кои  на пример во случајот со актуелната енергетска криза би овозможиле олеснување на процедурите за поставување фотоволтаици.

За тоа се уште се потребни непотребни елаборати, проекти, катастраски снимања, измени на просторни планови, детални урбанистички планови и слични процедури …за кои се потребни години да се изменат. Со тоа директно ја спречуваат приватната иницијатива , новите вработувања, губат даноци и го кочат брзиот одговор на енергетската криза“, вели Пенов.

Според него, внимателна анализа е потребна  и во однос на коментарите дека ако Владата не даде финансиска помош, ќе дојде до финансиски колапс на ЈП.

„Општините сакаат јавните претпријатија да водат социјална политика или додворување на гласачите преку цените на услугите“, дециден е Пенов кој како пример ја посочува цената за изнесување ѓубре која не е зголемена повеќе од 20 години иако притоа постојат големи загадувачи кои плаќаат ист надомест како останатите.

Како начин  на кој може се надмине проблемот на постојаните нови вработувања ја предлага следната опција: „За почеток би предложил да се замрзнат платните фондови и новите вработувања да паднат на товар на соодветно намалување на постојните вработени, вклучувајќи го и градоначалникот и надоместоците на советниците“.

Актуелната ситуација во која најголем дел од општините ги водат претставници на опозицијата според него не треба да претставува причина за  барање оправдување  или пак за политизација.

„Две третини од моите мандати во Скопје ги поминав како опозиционер и без никаква помош од централната власт“, прецизен е Пенов.

Високите сметки за електрична енергија се најголемата причина поради која општините бараат помош од Владата. Во каква форма според Вас треба да биде оваа подршка и каде најмногу треба да биде насочена?

-Високите цени на енергијата ќе изедат голем дел од буџетите на општините, особено  на помалите. Некаква форма на помош општините веќе примаат преку цената на електричната енергија која ја плаќаат детските градинки, а која е на ниво која ја плаќаат домаќинствата. Натамошната помош треба да се бара во примена на бенифицираната цена и за училиштата и културните институции , а можеби и и за уличното осветлување.

Какви решенија, од друга страна, во актуелнава ситуација им стојат на располагање на општините?

-Очигледен е фактот дека ниту една од единиците на локалната самоуправа не ги користи проширените овластувања што ги добија со законските измени кои стапија на сила во 2006 година.На пример, денес соочени со енергетска криза ниту една општина не пристапува кон релаксирање на процедурите за поставување фотоволтаици на своите кровови, во своите домови, па дури и на површини кои се карактеризирани како земјоделско или градежно земјиште во сопственост на граѓаните.. За тоа сеуште се потребни непотребни елаборати, проекти, катастраски снимања, измени на просторни планови, детални урбанистички планови и слични процедури …за кои се потребни години да се изменат. Со тоа директно ја спречуваат приватната иницијатива , новите вработувања, губат даноци и го кочат брзиот одговор на енергетската криза,Проценките говорат дека двете мега инвестиции во фотоволтаици ќе изгубат две до две и пол години заради овие процедури додека да започне производството на електрична енергија од нив.

Исто така, факт е дека општините воопшто не ги користат средствата кои им ги овозможува финансиската самостојност ,што е особено голем извор во поголемите општини.На пример, цената на надоместот за градење ( комуналии) во Скопје е ист во номинален износ повеќе од 20 години и е речиси еднаков со сите делови на Скопје. Нема никакво економско оправдување надоместот во Гази Баба и во Центар да биде приближно ист.Во општина Центар тој треба да е најмалку два пати поголем. Исто така,  објектите над 1000 метри квадрати треба да плаќаат повисок надомест од тој што го плаќаат граѓаните за индивидуална градба.Сличен е проблемот со данокот на имот за недвижности кои не се користат за живеење , а чии стапки ги одредуваат општините самостојно.

Во моментов најголемиот број од општините се во раце на опозицијата, а централната е кај владеачката партија, што е само по себе невообичаена слика. Дали и како може да се менаџира ваквиот распоред на сили, особено ако се имаат предвид искричењата на релација меѓу градоначалничката Арсова и Владата?

-Тоа што дел од општините ги водат претставници на опозицијата за мене не претставува состојба која треба да се политизира затоа што две третини од моите мандати во Скопје ги поминав како опозиционер и без никаква помош од централната власт..

Оправдани ли се коментарите, дека ако Владата не даде финансиска помош, ќе дојде до финансиски колапс на ЈП и самите општини? Владата и досега помагаше, но ниту еден градоначалник не беше казнет за своето недомаќинско работење

-Јавните претпријатија се посебна приказна.Општините сакаат јавните претпријатија да водат социјална политика или додворување на гласачите преку цените на услугите .Така во Скопје цената за изнесување ѓубре не е зголемена повеќе од 20 години. Притоа постојат големи загадувачи како големи маркети или ресторанти, пазари и сл кои плаќаат ист надомест како останатите. Треба да се направи анализа и да се искористат големите резерви без да се загрозат граѓаните. Само со примена на економски инструменти можат да се уредат хаосот во урбанизмот, функционирањето на јавните претпријатија и да се зголемат инвестициите во општините.

Наспроти проблемите со наплатата на даноците, несмалено течат вработувања.Што треба да се стори во оваа насока? Како да се “натераат” општините да работат за граѓаните?

-За таквата состојба изгледа нема решение бидејќи граѓаните не ги оценуваат градоначалниците поред овие факти.За почеток би предложил да се замрзнат платните фондови,и новите вработувања да паднат на товар на соодветно намалување на постојните вработени, вклучувајќи го и градоначалникот и надоместоците на советниците. .

Дали треба општините да иницираат ребаланси на своите буџети и дали тоа ќе помогне?

-Ребалансите се техничка работа бидејќи само ќе ги прераспоредат парите и трошоците. Децентрализацијата не значи само барање помош од државата , иако и таа е потребна во помалите општини, туку креирање на нови приходи.На пример, разни кабелски или интернет провајдери го прекопуваат градот без соодветен надомест и слично.

Дали ова значи дека децентрализацијата кај нас, барем онаа суштинската, е се уште недофатлива цел?

-Во однос на децентрализацијата сериозно заостануваме и во финансии и во однос на овластувања кои сеуште се во рацете на централната власт, а треба да се префрлат постепено во рацете на локалната власт.Целта која треба да постигнеме е е околу 25 % од државниот буџет да се трошат преку единиците на локалната самоуправа.

К.В.С.

 

Слични содржини