Екс-министерот и актуелен член на ЛДП, Ристо Пенов информира дека нема да биде кандидат на неговата партија за градоначалник на Скопје на претстојните избори. Според зборовите на токму бившиот градски татко на Скопје, ЛДП одлучила него и докторот Никола Пановски да ја предводат советничката листа за Град Скопје.
-ЛДП ќе оди самостојно на изборите. Јас ќе учествувам и заедно со доктор Пановски ќе ја предводиме листата на советници за Град Скопје. Не можам со имиња (за кандидатот за градоначалник) бидејќи се договораат и коалиции. Со ГРОМ е речиси завршено, рече Пенов во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Според информациите, ЛДП ќе го поддржи актуелниот градоначалник на општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски во трката по нов мандат, а двете партии ќе дадат заеднички кандидат за Град Скопје и во некои други општини.