Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов информира дека случајот со украдениот микрофон на една од последните седници на Советот на Град Скопје е пријавен во инспекторатот за локална самоуправа.
-Тоа е процедурално, но и јас лично комуницирав со градоначалничката и претседателот на Советот на град Скопје. Денес имаме уште една средба. И таму нашата интенција е граѓаните да не трпат. Каде што постојат проблеми во реализација на проектите, да се вклучиме и да ги тргнеме тие пречки. Проектите да се реализираат и граѓаните да имаат подобро услови за живот, рече Пенов како одговор на новинарско прашање.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на една од претходните седници на Советот на Град Скопје повика полиција и го пријави претседателот на Советот Трајко Славески дека го украл микрофонот кој стои на говорницата во пленарната сала на Советот.
По ова избувна жестока расправија меѓу Славески и градоначалничката Арсовска, која не штедеше навредливи зборови кон претседателот на Советот на Градот, кого го нарече „Хитлер“, „деспот“, „тиранин“ и „крадец“.
Славески јавно го повика Инспекторатот за локална самопурава да интервенира откако градоначалничката на Скопје му го одзеде копчето за вклучување и исклучување на микрофините на советничката говорница.