Пентагон: Досега евакуирани 122.000 луѓе од Кабул

од Nikola Popovski
290 прегледи

До денес, околу 122.000 луѓе се евакуирани од Кабул, вклучувајќи 5.400 американски државјани. Пентагон објави дека во блиска иднина се очекуваат 17 летови, кои ќе пренесат 3.700 луѓе, претежно Авганистанци, во Вашингтон и Филаделфија. Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, одби да коментира денеска кога САД ќе ја завршат евакуацијата, која е закажана за 31 август, ниту пак кажа дали САД ќе разговараат со Талибанците за идните напади со беспилотни летала против таканаречената Исламска држава.

„Претседателот Бајден беше многу јасен кога рече дека ќе одговориме многу силно доколку има терористички закани, нешто слично на она што го видовте во претходните 24, 36 часа. Мислам дека тоа не ни помага да разговараме за тоа како ќе изгледаат антитерористичките потфати и како ќе ги спроведеме“, изјави Кирби, цитиран од Би-Би-Си.

Кирби рече дека САД разговарале со талибанските лидери за да ги намалат конфликтите и да спречат недоразбирања за време на тековните операции.

Тој одби да каже колку порти на аеродромот во Кабул биле отворени, доколку воопшто ги има.

„Ова отсекогаш било опасна операција, и ние сме во особено опасни времиња во моментов“, додаде тој.

Тој инсистираше на тоа дека САД „имаат капацитет да извршат евакуација дури и додека работат на целосно повлекување на американските сили“.

Слични содржини