Нема индикации дека ракета земја-воздух го соборила авионот во кој се наоѓал лидерot на руската паравоена група „Вагнер“ Евгениј Пригожин, соопшти Пентагон.
Американската војска „нема информации дека ракета земја-воздух“ го предизвикала падот на авионот во средата, изјави портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Информациите за употреба на такво оружје се „неточни“, додаде тој.
Генералот Рајдер рече дека не може да даде информации за причината за несреќата, која е предмет на шпекулации. Но, САД сметаат дека „врз основа на голем број фактори, тој (Пригожин) веројатно е убиен“.
Ниту еден од патниците не преживеал, но руските власти се уште официјално не ја објавиле смртта на командантот на групата „Вагнер“, бидејќи телата се уште не се идентификувани.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера зборуваше за минатото на својот поранешен сојузник и рече дека имал „тешка судбина“.
Путин во своето прво обраќање по авионската несреќа изрази сочувство до семејството на Евгениј Пригожин.
Инспекторите вчера ги прегледаа остатоците од приватниот авион на групата „Вагнер“, кој се урна на летот за Санкт Петербург од Москва.
Немаше преживеани, а на списокот на патници беше и Пригожин, кој водеше краткотраен бунт против руската армија точно два месеци претходно, потсети РСЕ.