Пентагон: Шпионски балони летале над САД и за време на Трамп

од Vladimir Zorba
156 прегледи

Републиканците во САД жестоко го критикуваат претседателот Џо Бајден поради шпионскиот балон и неговиот премногу случајен став по ова прашање. Пентагон како одговор на овие напади објави дека такви балони летале на американското небо во времето на Доналд Трамп.

Според американското Министерство за одбрана, цитирано од германското издание „Шпигел“, четири шпионски балони летале над територијата на земјата во минатото – три од нив во времето на поранешниот претседател Доналд Трамп.

„Надзорните балони во кинеска сопственост летаа над Соединетите држави најмалку три пати во текот на претходната претседателска администрација“, изјави генералот Глен Ван Херк, командант на Северната команда на САД. Сепак, тој призна дека претходните прелетувања биле за многу краток временски период, додека најновиот кинески балон се задржал значително подолго над САД.

Екс-претседателот и луѓето од неговата администрација револтирано реагираа на веста дека имало вакви инциденти и во нивно време. „Ова е дезинформација“, напиша Трамп со својата социјална мрежа Truth Social.

Високи функционери од неговата поранешна администрација, исто така, ги негираа обвинувањата за различни медиуми во земјата. Тие се децидни дека никогаш не биле информирани од безбедносните служби за летови на вакви балони.

Соборувањето на наводниот шпионски балон од американски ловец само ја зголеми веќе постоечката тензија меѓу Кина и САД, коментира германското издание „Шпигел“.

Властите во Пекинг ги отфрлија обвинувањата за шпионажа – тие се категорични дека се работи за метеоролошки балон.

Слични содржини