Американската влада следи повеќе од 650 потенцијални случаи на неидентификувани воздушни феномени, познати како НЛО, и досега не се пронајдени веродостојни докази за вонземски активности, изјави Шон Киркпатрик, директор на Канцеларијата за решавање на аномалии на сите домени (AARO) на Пентагон.
„Во нашето истражување, AARO досега не најде веродостојни докази за вонземска активност, вонземска технологија или објекти кои им пркосат на познатите закони на физиката“, рече Киркпатрик за време на сослушувањето пред Комитетот за вооружени служби на американскиот Сенат за активностите на ААРО, пренесува Си-Ен-Ен.
Киркпатрик изјави вчера дека бројот на забележани НЛО се зголемил во однос на 350 пријавени во разузнавачкиот извештај за неидентификувани воздушни феномени објавен претходно оваа година.
„На околу половина од 650 случаи им дадовме приоритет за набљудување поради интересна аномална вредност. Сега мораме да поминеме низ нив за да утврдиме за колку имаме реални податоци“, рече американскиот функционер, додавајќи дека неговата канцеларија им помага на Пентагон и разузнавањето да идентификуваат нови технологии на странски држави.
По тој повод тој објави видео снимки од два декласифицирани случаја на НЛО, едниот е разрешен, а за другиот се уште нема објаснување.
„Имаме индикации дека некои инциденти, особено оние кои се карактеризираат со напредни технички способности, се поврзани со странски фактор“, рече Киркпатрик. Ваквите случаи, рече тој, се проследуваат до разузнавачката служба за понатамошна истрага.