Пензионерите излегуваат на протест пред амбасадите и Владата

од Nikola Popovski
219 прегледи

Голем протест на пензионерите е најавен за денеска во Скопје. Тој ќе започне пред американската амбасада и ќе финишира пред Владата во 12 часот. Претходно ќе се соберат пред американската, холандската, германската и амбасадата на Велика Британија. Побараа поддршка од сегашниот претседател Стево Пендаровски, но и од поранешните шефови на државата.

Пензионерите не се откажуваат од своите барања, велат до крај ќе се борат за да го добијат статусот кој го заслужуваат. Посочуваат дека и покрај големиот број притисоци остануваат сплотени од цела држава и излегуваат на нов протест. Тие порачаа ако не може да им се покачи пензијата ќе заминат да живеат надовор од државата, оти како што велат со 12 илјади денари не можат да го преживеат месецот. Пензионерите бараат линеарно покачување на пензиите за 5.000 денари.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, по последното зголемување на пензиите рече дека процентот од 5.3 отсто е согласно податоците кое се добиваат од Државниот завод за статистика. Според неа, никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто за околу година и половина.

Највисоката пензија што некој може да ја земе во државата е околу два пати повисока од исплатената просечна нето плата за претходната година. Податоците на ПИОМ покажуваат дека највисоката пензија сега е околу 73.500 денари.

Последните податоци на Фондот за пензиски осигурување, што се однесуваат на август годинава, покажуваат дека речиси 70 отсто од пензионерите имаат старосна пензија. Семејна пензија имаат околу 22 отсто од пензионерите, потоа следува инвалидска која ја земаат околу 8 отсто од пензионерите, земјоделска пензија имаат околу 0,02 отсто и воена пензија околу 0,24 отсто од пензионерите.

Досега се одржаа неколку собири низ цела Македонија.

Слични содржини