Пензионерите ќе бараат линеарно зголемување на пензиите пред странските амбасади

од Nikola Popovski
245 прегледи

Иницијативните одбори на пензионерите, кои протестираат низ градовите во земјава, за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари денеска во Свети Николе се договорија на 7 ноември повторно да излезат на голем протест во Скопје. Драган Угриновски од еден од Одборите вели дека сега протестот нема да биде пред Влада, туку пред странските амбасади во земјава. Пензионерите на денешниот координативен состанок  велат дека таму ќе се бара помош и правда за пензионерите со мали примања.

– Денеска се собравме во Свети Николе да одржиме координативна средба со сите иницијативни одбори од државата да се договориме детално за нашиот најавен протест на 7.11.2023 во Скопје, пред амбасадите и пред ЕУ, рекол Угриновски.

Пензионерите не се откажуваат од своите барања, велат до крај ќе се борат за да го добијат статусот кој го заслужуваат. Посочуваат дека и покрај големиот број притисоци остануваат сплотени од цела држава и излегуваат на нов протест. Тие порачаа ако не може да им се покачи пензијата ќе заминат да живеат надовор од државата, оти како што велат со 12 илјади денари не можат да го преживеат месецот. Пензионерите бараат линеарно покачување на пензиите за 5.000 денари.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, по последното зголемување на пензиите рече дека процентот од 5.3 отсто е согласно податоците кое се добиваат од Државниот завод за статистика. Според неа, никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто за околу година и половина.

Највисоката пензија што некој може да ја земе во државата е околу два пати повисока од исплатената просечна нето плата за претходната година. Податоците на ПИОМ покажуваат дека највисоката пензија сега е околу
73.500 денари.

Последните податоци на Фондот за пензиски осигурување, што се однесуваат на август годинава, покажуваат дека речиси 70 отсто од пензионерите имаат старосна пензија. Семејна пензија имаат околу 22 отсто од пензионерите, потоа следува инвалидска која ја земаат околу 8 отсто од пензионерите, земјоделска пензија имаат околу 0,02 отсто и воена пензија околу 0,24 отсто од пензионерите.

Слични содржини