Пeнзионерите не отстапуваат од барањата за промена на работата на здруженијата, во вторник нов протест

од Vladimir Zorba
3,K прегледи

Иницијативниот одбор на пензионерското движење “Тука сме’’не отстапува од барањата за промена на досегашниот принцип на “игра’’ во пензионерските здруженија . Во вторник, пред Зградата на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, повторно ќе излезат на протест на кој  овојпат ќе им се приклучат и пензионери од уште неколку градови во државата. Не сакаат веќе да молчат, како што велат, за криминалот во пензионерските здруженија  каде претседателите не се менуваат со децении, а предмет на критика е и пензискиот систем кој според нив е целосно неправеден.

„Пример за генерациска несолидарност  е  токму придонесот  за  Солидарниот  фонд  и  членарината.  Плаќањето  на  овие  две  давачки  во  фиксен  износ, во  износ  ист  за  малите  и  за  најголемите  пензии  е  пример  за отсуство  на генерациска  солидарност’’, изјави за Локално, Ристо Волчевски, член на „Тука сме“.  

На протестот ќе побараат раздвојување или укинување  на  членарината  како  наметната  законска  давачка, префлање  во законски  стекнато право, напуштање  на плаќање  на двете  давачки  во  фиксни износи и премин кон пропорционален  систем  на  плаќање  во одреден  процент  од  износот  на пензијата. На овој начин  оние со  повисоки пензии  би плаќале повисоки  износи и би имало  примена  на  ниски  или повисоки  лични  ослободување при плаќањето на едната или двете  давачки.

Нови правила бараат и во однос на начинот на изборите во пензионерските здруженија, а основно ќе биде ограничувањето на мандатот на нивните претседатели.

Кој  во  светот  останува на  една  позиција  цели  28  години? Имаме  Правилник за  песни, музика  и  игри, Правилник  за  спорт, Правилник  за  арбитража и др. Правилници  кои  се  однесуваат  пред  сè за  здруженијата, но Правилник  за  избори нема, нема  ниту  како  се  вршаат изборите  во  работните  тела на Сојузот“, забележува Мирјана Русевска од иницијативниот одбор на пензионерското движење „Тука сме“.

Како најсоодветно решение предлагаат спроведување  на  општи  избори  на  секоја  втора  година или  евентуално секоја  трета година  на  20  септември  –  денот на пензионерите. Во оваа насока е и залагањето за  отстранување на сите  неправилности во  работењето  на  здруженијата  и  Сојузот, за кои имаат бројни сомневања за корупција.

За некои од претседателите на здруженијата има и отворени предмети поради злоупотреба на позицијата“, велат членовите на „Тука сме“, според кои крајно време е да почне да се практикува транспарентноста и отчетноста како основен принцип во работењето.

Како дополнителен проблем иницијативниот одбор го посочува фактот дека голем процент од возрасното население во Македонија не добива пензија.

„Се сретнува  податокот дека во  Македонија  околу  10% до  12% од возрасното  население  е  надвор  од  пензинскиот  систем.  Ако  просек  во  земјите  членки  на  ЕУ  е  околу  4%, значи според  тие  тврдења ние  трипати  полошо  стоиме“, велат членовите на “Тука сме’’.

Иницијативниот одбор протестираше веќе неколку пати пред зградата на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. Досега не добија одговор, ниту пак повик за средба. Од друга страна, нивните членови реализираа разговори со Министерот за правда, со Јавниот правобранител и со директорот на Фондот за инвалиско и пензиско осигурување. На средбите било искажано расположение за надминување на проблемите.

Во меѓувреме, од „Тука сме“ не се откажуваат. Време е, велат, конечно да се стави крај на досегашната состојба бидејќи нивните залагања треба да им помогнат не само на  оваа, туку и на следните генерации пензионери.

К.В.С.

 

Слични содржини