Пензионерите денеска ќе организираат протест во Скопје откако минатата недела доставија неколку барања до надлежните, при што клучно според нив е линеарно зголемување на платите од 3500 денари. Исто така бараат минималната пензија да биде еднаква на минималната плата.
Според информациите, се очекуваат околу 2000 пензионери од сите градови во државата да пристигнат во главниот град. Во дел од градовите пензионерите сами барале донатори за да им обезбедат превоз до Скопје.
Протестот ќе го започнат во 11 часот пред просториите на сојузот и таму ќе го предадат писмото со нивните барања. Оттаму ќе се упатат пред министерството за труд и социјала каде ќе бараат итна средба со министерката.
Од Партијата на пензионери не го поддржуваат протестот, нагласувајќи дека зголемување од 3500 денари е премногу и може да го оптовари Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Од владејачката СДСМ, пак, велат дека се грижат за пензионерите.
СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи постојано презема мерки и решенија за унапредување на животниот стандард на пензионерите. Од 2011 година па до денес просечната пензија е зголемена за 80 отсто. Во 2016 година последната година на режимот просечната пензија изнесуваше 13.754 денари, а денес во 2023 година таа изнесува 19.106 денари, што е покачување од 40 отсто во време на мандатот на владите предводени од СДСМ. За постојан и навремен раст на пензиите, СДСМ заедно со пензионерите донесе нова методологија со која пензиите се зголемуваат на секои шест месеци, рече Љатифе Шиковска, пратеничка на СДСМ.
Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот, пензиите пораснаа за околу 21 %. Првото усогласување во септември 2022 година беше 6.8%, второто во март 2023 година – 8.4% и моменталната проекција за септември 2023 година- најмалку 6 отсто.