Пензионерите пред Американската амбасада побараа линеарно покачување и повисоки пензии (ФОТО/ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Пензионерите утрово го започнаа својот најавен протест, кој што започнува од Американската амбасада, а треба да заврши пред зградата на Владата. Порачаа дека протестираат и пред Холандската, Германската и амбасадата на Велика Британија.

Пензионерите носат транспаренти и македонски знамиња, а околу амбасадата е присутно и зголемено полициско обезбедување. Целосно е блокирана улицата пред Амбасадата.

Пензионерите вчера нагласија дека не сакаат социјални мерки туку линеарно покачување на пензиите за 5000 денари. Тие порачаа ако не може да им се покачи пензијата ќе заминат да живеат надвор од државата, оти како што велат со 12 илјади денари не можат да го преживеат месецот.

Последните податоци на Фондот за пензиски осигурување, што се однесуваат на август годинава, покажуваат дека речиси 70 отсто од пензионерите имаат старосна пензија. Семејна пензија имаат околу 22 отсто од пензионерите, потоа следува инвалидска која ја земаат околу 8 отсто од пензионерите, земјоделска пензија имаат околу 0,02 отсто и воена пензија околу 0,24 отсто од пензионерите.

Фото/видео: Локално

Слични содржини