Пензионерите со најниска пензија ќе добијат најмногу, вели Ковачевски

од Берта Китинска
961 прегледи

Минималната плата ја достигнавме низ дијалог со синдикатите и работодавачитите, а покачувањето на пензиите ќе биде резултат на дијалог со здруженијата и асоцијациите на пензионерите кој почнува во петок, кажа денеска Премиерот Димитар Ковачевски.

Тој најави дека од петок ќе почне инклузивен дијалог меѓу Владата односно Министерството за труд и социјална политика и Асоцијациите на пензионерите во државата со цел да се изнајде соодветна одржлива методологија за пораст на пензиите.

-Целта е да се дојде до методологија за одржливо покачување на пензии кое ќе биде одржливо и за Фондот за пензиско осигурување. Едно усогласување на пензиите имавме, а ќе има и уште кон средината на годината, рече Ковачевски.

Премиерот најави и финансиски пакет за пензионерите при што скалесто ќе се добива финансиската помош.

-Оние пензионери со најниска пензија ќе добијат најмногу, а оние коишто имаат повисоки, соодветно на тоа да добијат износ, рече премиерот.