Пензионерите во исчекување, надлежните ја кројат нивната судбина

од Vladimir Zorba

Време, нерви и подготвеност за отстапки. Познавачите на состојбите се согласуваат дека сите овие чинители ќе бидат суштински во процесот на утврдување на ново законско решение за минимална пензија.

Останува да се види како ќе се движи целиот процес, а како солидна основа го посочуваат почетокот, односно првата седница на која Работната група се согласи дека прво ќе се работи на носење на соодветни социјални мерки за пензионерите со ниски пензии, а потоа ќе се пристапи кон ново законско решение за минимална пензија или измени на постоечкото.

Од Министерството за труд и социјална политика потврдија дека пакетот социјални мерки ќе бидат донесени во најскоро време, а законското решение за минимална плата се очекува да биде донесено до крајот на оваа година. Притоа, како што велат од таму, ќе се користат анализи, податоци, проекции и други информации подготвени од страните вклучени во работната група, за кои ќе се дискутира, а  сите пристигнати предлози од ќе бидат разгледани.

„Многу е важно при носењето на предлог мерките и законското решение за пензиско осигурување или негови измени, да се води сметка за стабилноста на пензискиот систем и пензиите да продолжат да се исплаќаат навремено и редовно“, посочуваат од Министерството за „Локално“.

Од друга страна,  пензионерите веќе неколку пати досега забележаа дека  е беспредметен стравот  дека со утврдувањето на минималната пензија ќе се загрози стабилноста на пензискиот фонд за редовна исплата на пензии, бидејќи и сега, како што коментираат,  голем процент од средствата на пензискиот фонд се обезбедуваат од пари од државниот буџет.

Од страна на нивните претставници  до Работната група досега пристигнаа неколку предлози.

Пензионерското  движење „ТУКА  СМЕ“ за „Локално“ изготви детална анализа во однос на тоа како треба да се обезбеди ова законско решение. Нивниот предлог е минималната пензија  да  изнесува 80%  од  просекот  на  сите  видови  пензии, а просеците да се  утврдуваат  во  декември од  минатата  година  и  во јуни во  тековната година, а минималната пензија да се  исплатуава во  исти  износ  во  наредните  шест  месеци.

„Се  смета дека 134.430 пензионери ќе  добијат  мининалната  пензија, односно 40,56% од  вкупниот  број на  пензионери  во  Македонија. Оние  со  најмали  пензии  ќе  добијат по  4.800  до 5.200 денари. Фискалниот  ефект во  првата  година на  примена  се  проценува  на  822,98 милиони  денари  или  13,38  милиони  евра“, велат претставниците на движењето „ТУКА СМЕ“.

Со став излезе и Драги Аргировски- експерт за трето доба и порашенешен претседател на СЗПМ, посочувајќи дека во повеќе земји на нашиот континет  се применува минимална пензија, што има многу позитивни резултати, бидејќи како што вели, покрај пристојни плати на вработените се овозможуваат и пристојни пензии на пензионерите за достоинствен живот во староста. Забележува дека при утврдувањето на минималната пензија треба да се внимава таа да биде основица и за зголемување на сите пензии, но притоа и да се води сметка за нивелација на пензии.

„Поради многу и чести измени на Законските одредби во оваа област создадени се  уравниловки или големи разлики во пензиските примања, а  на тоа укажува и сегашниот сооднос помеѓу најниска и највисока пензија од 1 спрема 6.5., што се коси со европскиот стандард“, рече Аргировски за „Локално“.

Она што во меѓувреме останува извесно е дека работната група ќе работи интезивно, со средби до два пати во неделата, со цел што поскоро носење на предлог мерки и законски решенија. Предлог решенијата ќе бидат испратени до Владата, а понатаму дадени на усвојување во Собранието.

К.В.С.

Слични содржини