Општина Чаир вчера го одликуваше и прогласи пензионираниот американски генерал Весли Кларк за „Почесен граѓанин“ на општината. Тој ја посети оваа скопска општина и ја прими плакетата која му беше врачена од градоначалникот Висар Ганиу.
-Во преполна сала полна со емоции, каде секој агол беше исполнет со благодарност и почит, денеска имав чест и привилегија да му ја врачам титулата „Почесен граѓанин“ на општина Чаир на големиот пријател од регионот, генералот Весли Кларк. . Свеченоста што се одржа во Албанскиот театар беше незаборавна манифестација на која присуствуваа многу почесни гости, меѓу кои и првиот вицепремиер Изет Меџити, министри, амбасадори, градоначалници, пратеници и претставници на институции. Атмосферата во салата беше наполнета со емоции, бидејќи сите беа присутни да му оддадат почит на една извонредна личност која одигра голема улога во историјата на нашиот регион, објави Ганиу на социјалните мрежи.
Градоначалникот го пофали, како што вели, извонредниот придонес на генералот Кларк, кој имаше големо влијание во одржувањето на мирот и стабилноста на Балканот, поточно со придонесот за време на војната во Косово.
-Титулата „Почесен граѓанин“ е симбол на благодарноста и длабоката почит што општина Чаири ја има кон него и за неговиот придонес за постигнување мир и хармонија во овој дел од светот.
Покрај тоа, оваа церемонија беше можност да се размислува за силата на меѓународните врски и важноста на заедничката посветеност за подобра иднина. Како градоначалник на општина Чаир, многу сум горд што сум дел од овој историски момент и ги уверувам сите граѓани дека нашата посветеност на чествувањето на таквите поединци секогаш ќе продолжи, бидејќи тие се примери на храброст, лидерство и мир за генерациите што доаѓаат, порача Ганиу.
Кларк ја водеше воздушната кампања на НАТО против српските воени цели во 1999 година. 25 години по завршувањето на таа акција, Кларк пред неколку месеци рече дека „Србија е како магнет што ги привлекува руските империјалистички амбиции во Европа“.