Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола вели дека ќе биде отворен и искрен со сите во клубот кога ќе одлучи за иднината.
Договорот на шпанскиот стручњак истекува на крајот од следната сезона, а тој се уште не размислува каде ќе оди доколку замине од Сити.
„Тука ми дадоа се, па не можам да ги изневерам или да им направам нешто лошо, тоа не би било убаво од моја страна. Заедно донесовме одлука да дојдеме овде, потоа двапати да го продолжиме договорот, така ќе биде и сега. Ќе зависи од тоа што мисли клубот за мене и како ќе се чувствувам во клубот“, изјави Гвардиола и додаде:
„Јас не сум тип на човек кој многу размислува за иднината кога имам валиден договор. Не сум доволно добар за да размислувам далеку, бидејќи иднината секогаш зависи од резултатите“.
Гвардиола вели дека се чувствува удобно и заштитено на позицијата менаџер на Сити, на пат е да ја освои четвртата титула во последните шест години во Премиер лигата, а ги предводеше „граѓаните“ до четири Лига купови и еден трофеј во ФА Купот.
„Кога немам енергија, кога сум исцрпен и уморен, прилично сум сигурен дека ќе се пензионирам, но сега се чувствувам добро“, заклучува Пеп.
Натпреварот меѓу Саутемптон и Манчестер Сити е на програмата во сабота од 18.30 часот.
Сити е прв на табелата со 56 бодови, 11 повеќе и меч повеќе од Ливерпул.