Тешкиот пораз кој Реал Мадрид го доживеа на „Емирати“, каде Арсенал убедливо со 3:0 славеше во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите, отвори бројни прашања за иднината на тренерот Карло Анчелоти на „Сантијаго Бернабеу“.
Шпанските медиуми веќе почнаа да шпекулираат дека Карло Анчелоти ќе го напушти „кралскиот“ клуб на крајот на сезоната, но ситуацијата се уште не е конечна.
Анчелоти наводно имал состанок со претседателот Флорентино Перез по враќањето во Мадрид. Иако јасно му ставил до знаење дека притисокот е огромен и дека јавноста се почесто повикува на промена на клупата, Перез му порачал дека нема да носи никакви одлуки до крајот на сезоната.
Според шпански извори, претседателот на Реал сепак ја оставил вратата отворена за Анчелоти со јасен услов.
„Ќе останеш тренер доколку освоиш важен трофеј. Направи го тоа и остануваш“, наводно рекол Перез.
Реал Мадрид моментално е во игра за три големи трофеи – Ла Лига, Лигата на шампионите и Кралскиот куп. Иако веќе изборија финале во Купот против Барселона за три недели, победата во тоа натпреварување наводно не би била доволна за Анчелоти да ја задржи работата.
Имено, како што пишуваат шпанските медиуми, останување на Италијанецот на клупата може да го обезбеди само трофејот од шпанското првенство или Лигата на шампионите. Пред Реал е многу тешка задача – не само поради тешкиот пораз од Арсенал, туку и поради ситуацијата во домашното првенство, каде заостанува четири бода зад лидерот Барселона.
И покрај се, Перез цени се што Анчелоти донесе во клубот во претходните сезони и одлучи да му даде уште една шанса. Но, јасно е – без освојување на Ла Лига или Лигата на шампионите, ерата на Анчелоти во Мадрид може да биде доведена до крај. Да потсетиме, се погласни се шпекулациите дека Чаби Алонсо веќе се согласил да го преземе тимот на почетокот на летото.