Флорентино Перез е свесен дека Реал Мадрид е пред нов период – време на реконструкција и освежување на тимот. И кога Перез ќе си постави нешто на ум, тој често го прави тоа спектакуларно. Овој пат, тој би можел да го сруши и светскиот рекорд за дефанзивец.
Реал Мадрид отсекогаш бил клуб што ги поместува границите, или преку неверојатни спортски успеси како што се три последователни титули во Лигата на шампионите, или преку најголемите трансфери во историјата на фудбалот. Тие се првиот клуб што платил повеќе од 100 милиони евра за еден играч, не еднаш туку двапати и тоа кога Кристијано Роналдо и Гарет Бејл пристигнаа во Мадрид.
Во меѓувреме, Реал стана најгламурозниот клуб во светот, сон на секој фудбалер, а Перез вешто ја користи таа моќна репутација во преговорите за трансфери. Последен пример? Доведувањето на Килијан Мбапе без да му се плати на ПСЖ ниту едно евро отштета.
Но, тековната сезона јасно покажа дека на Кралскиот клуб му е потребна свежа крв, особено во средниот ред и дефанзивниот блок. Перез веќе ја идентификуваше својата главна цел – Вилијам Салиба, стоперот на Арсенал, кој особено импресионираше во четвртфиналето од Лигата на шампионите против Реал.
Перез наводно веќе го контактирал играчот, а пораката била јасна: „Дојди во Реал Мадрид! Тука ќе бидеш лидер на одбраната на повеќекратните европски шампиони.“ Оваа информација ја пренесе угледниот француски новинар Лоик Танци, а договорот би можел да се реализира веќе ова лето или најдоцна следната година.
Салиба има сè што Реал бара – тој е млад (24), физички доминантен, технички силен и тактички зрел. На кратко, прототип на модерен стопер. Покрај тоа, неговата позиција во клубот совршено се совпаѓа со плановите на Перез – додека Милитао и Алаба влегуваат во несигурна фаза од своите кариери поради повреди и возраст, а Ридигер е поблиску до завршување на својата кариера откако до своите најдобри изданија.
За да го доведе Салиба, Реал ќе мора да го отвори паричникот – Арсенал бара најмалку 100 милиони евра за својот дефанзивец, што би бил нов светски рекорд за еден дефанзивец. „Топџиите“ го доведоа од Сент Етјен за 30 милиони евра во 2019 година, а сега би можеле да остварат огромен профит.
Салиба има договор со Арсенал до летото 2027 година, но понудата од „Бернабеу“ тешко дека ќе го остави рамнодушен.