Сега веќе разрешениот директор на ЈП „Водовод и канализации“, Златко Перински ја повика градоначалничката на град Скопје, да не ги отпушта од работа стотината вработени во претпријатието.
Според него, „луѓето чесно и со пот вадат парче леб за своите фамилии, а се вработени со времени договори, една, две или повеќе години, односно дел од нив се наследени и од претходното раководство“.
-Во периодот од 05.07.22 до 07.07.22 во просториите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, извршен е инспекциски надзор од страна на Државен инспекторат на труд, за кој има записник, дека се е кристално чисто и дека Водовод е институција каква што не постои во Македонија, каде сите влезови и излези се евидентирани на електронски систем, како и со потпишани пропусници и за службен и за приватен излез на вработените. Покрај записникот, на кој јасно пишува дека нема никаква забелешка, добивме и усна пофалба, обелодени Перински.
Тој даде целосна подршка на денешното соопштение, кое синдикатот (СУТКОЗ) при ССМ го пушти до јавноста, каде се бара од градоначалничката да се запре постапката, со која, според него, 100 фамилии ќе останат без парче леб и без егзистенција.
Градската администрација реши да не им ги продолжи договорите за работа кои им истекуваат утре.
„Градот Скопје нема да толерира расипничко однесување кое претставува дополнителен товар врз буџетот во услови на економска и енергетска криза. Од тие причини се ревидира оправданоста на новите вработувања во ЈП Водовод и канализација – Скопје.
Нема да дозволиме средствата на граѓаните да се трошат за вдомување на партиски кадри и нема да се дозволи корупција, непотизам и остварување на лични и теснопартиски интереси, нема да дозволиме да се прави нешто што е на штета на скопјани“, велат од Градот.