Се уште нема официјална изјава на Град Белград дека ќе следи донацијата. Да почекаме прво да видиме што ќе се случи, па ќе донесеме став, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински по најавите дека Белград ќе му подари автобуси на Скопје за да се помогне во проблемите со јавниот градски превоз.
Според него, во суштина Скопје е град на солидарноста, но, како што истакнува, навистина е мизерно една метропола да се доведе во ситуација да пука по сите шавови.
-Градскиот превоз е еден од нив, но тука е проблемот и со отпадот, со зеленилото, проблеми има и во Дрисла. Жал ми е што сме доведени во ваква ситуација, Град Скопје да не може сам да си ги сервисира обврските. Ова е проблем за кој подолго време говоревме. Загрижен сум дека обврските на Град Скопје кон добавувачи се некаде околу 8 милиони евра. Неофицијалните информации ми потврдуваат дека „Водовод и канализација“ должи околу 15 милиони евра, „Комунална хигиена“ околу 6 милиони евра, „Улици и патишта“ околу 3,5-4 милиони евра, за „ЈСП Скопје“ нема жив човек на светот кој што може да го пресмета долгот. Следната година ќе треба системски да работиме за градот нормално да профункционира и да почнеме од нула, одговори Перински на новинарско прашање на трибината „Платформа: 100% посветени за тебе – „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“.
Белград планира да му донира автобуси на Скопје, пишуваат дел до српските медиуми. Веб-сајтот „Е-капија“ објави дека одреден број автобуси од марката „Соларис“ кои се меѓу најквалитетните и најсигурните возила во белградскиот превоз, најверојатно за неколку месеци ќе станат дел од скопскиот јавен превоз. Станува збор за полските автобуси „Соларис Урбино 18“, од кои во последниве 15-ина години во Србија се обезбедени над 200 вакви автобуси.
Данела Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за јавниот превоз во главниот град.
Следните локални избори, на кои скопјани ќе гласаат за нов состав на Советот на Град Скопје и за градоначалник треба да се одржат во октомври 2025 година.