Иако според Законот за безбедност во сообраќајот, возачите кои ќе бидат затекнати со стара возачка дозвола треба да добијат казна, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска информира дека граѓаните во овој период нема да бидат санкционирани.
Првиот полицаец во државата упати апел до полициските службеници да ги има предвид законските одредби што се однесуваат на укажувања и опомени.
-Сметам дека ниеден македонски полицаец не треба да изрече парична казна за овој тип на прекршоци затоа што македонскиот граѓанин не треба парично да плаќа затоа што сме имале некадарни политичари во минатото. Овој периoд треба да помине во превентивно делување од страна на полицијата со цел да се усогласиме со законот, изјави Тошковски за граѓаните кои ги немаат сменето возачките дозволи и регистарските таблички кои претстанаа да важат.
Министерот изнесе и информација според која сите лични карти кои се со важечки втиснат датум, се во важност и ќе продолжат да бидат во важност.
-Ниту една законска измена не се однесувала на личните карти така што граѓаните од тој аспект може да бидат мирни, нагласи Тошковски.
Претходно беше објавено дека 31-ви декември е крајниот рок на важност на возачките дозволи со старото уставно име. Граѓаните се запознати со ова и веќе аплицирале за нови возачки дозволи.
Повеќето македонски возачи веќе ги замениле своите возачки дозволи. Според податоците на МВР, остануваат уште околу 150 илјади возачки дозволи што треба да се заменат со нови.
Рокот за смена на возачките дозволи со новото уставно име согласно договорот со Грција веќе еднаш беше продолжен од февруари до крајот на декември.
Возачките кои ќе бидат затекнати со стара возачка дозвола, според Законот за безбедност во сообраќајот, треба бидат санкционирани со парична казна од 100 евра.