Перуанскиот социјалистички кандидат Педро Кастиљо, откако освои најмногу гласови, прогласи победа на претседателските избори, но победата се уште не може да се потврди затоа што ја оспорува неговиот десничарски ривал Кеико Фуџимори.
По пребројувањето на сите гласачки ливчиња, Кастиљо освои над 50 проценти од гласовите и 44.058 повеќе од Фуџимори, која го обвини својот ривал за измама на изборите без да обезбеди докази, но меѓународните и домашните набљудувачи оценија дека изборите биле регуларни, пренесе Би-Би-Си.
Резултатите од изборите на 6 јуни не беа официјално потврдени од изборната комисија, но Кастиљо, 51-годишен поранешен наставник и лидер на синдикатот, веќе прогласи победа и ги повика властите да ја почитуваат волјата на народот, додека неговата партија Слободен Перу ги отфрли обвинувањата за изборна измама.
Повеќе од 18,8 милиони Перуанци гласаа на овие претседателски избори, што е излезност од скоро 75 проценти.