Пешева од МАСИТ: Проблематичните закони за оданочување во ИТ секторот, ќе генерираат одлив на нашите кадри

од Vladimir Zorba
1,K прегледи

Во аналитичкиот и прецизен осврт за нашиот ИТ пазар, претседателката на МАСИТ- Анета Пешева, подеднакво внимание посветува на неговите предности, како и на предизвиците. Квалитетот не е спорен и тука не заостануваме зад пазарите во регионот вели таа, но од друга страна се проблематични законите за оданочување на овој сектор, кои  во околните земји се многу пофлексибилни во однос на нашите.

„Тоа на подолг период може да генерира одлив на нашите кадри. Ако не се реагира навреме, нашите ИТ инженери ќе се преселат во соседството. Ако сакаме тоа да не се случи неопходно е во рамките на иницијативата Отворен Балкан да се воведе уедначена даночна политика за целиот регион“, изјави Пешева за „Локално“.

Коментирајќи ги евентуалните последици  по македонскиот пазар од бранот масовни отпуштања во големите технолошки компании, Пешева посочува дека  нашиот ИТ сектор и покрај тоа што значајно работи за партнери од странство, сепак во најголем број од случаите не се компании од категоријата на информатички џинови кои беа најсилно зафатени со овие превирања.

Негативни ефекти не очекува ни во однос на платите на  вработените во овој сектор.

„И покрај тоа што платите на македонските девелопери“ се високи, тие уште се пониски од конкурентските пазари во светот, пред се регионот. Овде не очекувам големи поместувања, но сепак очекувам раст на платите заради и понатаму зголемената побарувачка за ИТ инженери“, вели Пешева.

Ја отфрла можноста од презаситување на македонскиот пазар со овој вид кадар, наведувајќи го како основен аргументот според кој  годишно недостасуваат околу 600 инженери.

Оттука според неа, во оваа индустрија воопшто не е важно дали некој  завршил формално или неформално образование или дури дали е самоедуциран, важно е да знае да работи и да му се познати алатките и вештините кои се бараат.

„Уште многу години ќе поминат, а ние ќе имаме недостаток од квалитетен ИТ кадар“, заклучува Пешева.

По рекордните профити што технолошките компании ги остварија за време на пандемијата и ангажирањето на дополнителна работна сила, минатата година истите се најдоа на удар на бранот отпуштања на вработените. Се проценува дека лани без работа останале над 100 000 работници од ИТ индустријата ( Мајкрософт, Амазон, Твитер…).Оваа година нема да биде ништо подобра. Како ги коментирате ваквите состојби?

-Мислам дека само делумно сте во право. Кризата предизвикана од КОВИД 19, предизвика големи промени во светот особено во делот на дигитализацијата на сите процеси како бизнис така и социјална интеракција. Светот многу порано од очекувањата се ориентираше кон процесите кои користат online технологија. За сите нас изминативе години значеа голема промена во начинот на работа, комуникација и драматична промена на сите аспекти на нашиот живот.  Ова од своја страна го зголеми интересот за големите технолошки компании кои со своите платформи и решенија понудија техннолошки одговор за овие промени (Meta, Google, Amazon, Zoom, Microsoft ….). Ова беше сигнал за светските пазари кои побрзаа да инвестираат во овој сектор, што од своја страна ги подигна вредностите на акциите на компаниите од скоро целиот технолошки сектор.

Компаниите реагираа многу брзо и ги зголемија своите капацитети на историски највисоко ниво, особено со зголемување на бројот на вработени. Цените на работната сила заради големата побарувачка достигнаа исто така рекордно ниво, а со тоа и трошоците на компаниите достигнаа рекордно ниво.

Прекинот на кризата покажа дека вака прегреаниот пазар е нереален и дека очекувањата биле повисоки од реалнатите потреби, на што пазарите реагираа брзо со намалување на превисоката вредност на акциите на компаниите. Вредноста на акциите на скоро сите водечки технолошки компании доживеаја пад, особено Мета која падна на помалку од една третина од својата највисока вредност.

Во изминатиов период сведоци сме на повторен раст, што укажува дека станува збор за реално зголемена побарувачка за производите, сервисите и услугите на овие компании. Еве токму вчера Мета го имаше својот најголем дневен раст од скоро 25%. Мислам дека светот дефинитивно доживува голема технолошка трансформација, така што очекувам стабилизација на пазарите и потенцијално заздравување и раст придвижуван од новите технолошки дисциплини особено АИ – Вештачката интелигенција.

Што се однесува до падот на бројот на вработени за кои говорите, би рекла дека тој пред се се однесува на ревизија на преголемиот раст во периодот на кразата, кој секако не значи пад на големите технолошки џинови. Мета навистина отпушти 11.000 свои вработени, ама вистина е дека во годините на раст вработи повеќе од 30.000. Мислам дека се работи за “стегање на каишот” и нужна ревизија на тоа каде треба да се најде компанијата во блиска иднина и колкава треба да биде.

Зошто дојде до дојде до ова? Дали корона кризата го доведе светот во своевидна заблуда дека работата од дома односно интернет комуникацијата може да биде адекватна замена на реалната работа?

-Мислам дека не се работи за заблуда туку токму спротивното. Работата од дома се повеќе ќе станува наша реалност. Таа се покажа како поефикасна како метод за работа, а секако и драматично ги намали трошоците на корпорациите. Моето очекување е дека трендот на работа од дома ќе продолжи и дека со новите технолошки иновации може да очекуваме и поефикасни решенија кои дополнително ќе го унапредат квалитетот на работата.

Дали нашиот ИТ сектор може да остане имун на ваквите случувања, и во делот на работниот ангажман и во делот на висината на платите?

-Нашиот ИТ сектор и покрај тоа што значајно работи за партнери од странство, сепак во најголем број на случаите тоа не се компании од категоријата на информатички џинови кои беа најсилно зафатени со овие превирања. И покрај тоа што платите на македонските “девелопери” се високи, тие се уште се пониски од конкурентските пазари во светот, пред се регионот. Овде не очекувам големи поместувања, но сепак очекувам раст на платите заради и понатаму зголемената побарувачка за ИТ инженери.

Како го оценувате нашиот ИТ пазар? Каде е лоцирана нашата држава во споредба со останатите, секако во регионални рамки?

-Нашиот ИТ пазар не заостанува зад пазарите во регионот. Квалитетот е скоро ист но за жал законите за оданочување на овој сектор во земјите на регионот се многу по флексибилни во однос на нашите. Тоа на подолг период може да генерира одлив на нашите кадри. Ако не се реагира навреме, нашите ИТ инженери ќе се преселат во соседството. Ако сакаме тоа да не се случи неопходно е во рамките на иницијативата “Отворен Балкан” да се воведе уедначена даночна политика за целиот регион.

Колку луѓе работат во оваа индустрија? Можно ли е да дојде до презаситување на пазарот со оглед на тоа дека како ИТ кадар се сметаат и дипломирани луѓе и тие што сеуште студираат но и луѓе кои завршиле само курсеви и што е потребно да се направи за да не дојде до тоа?

-Не може, бидејќи годишно, во овој момент недостасуваат околу 600 инженери. Во нашата индустрија воопшто не е важно дали сте завршиле формално или неформално образование или дури дали сте самоедуцирани, важно е да знаете да работите и да ви се познати алатките и вештините кои се бараат од вас. Уште многу години ќе поминат, а ние ќе имаме недостаток од квалитетен ИТ кадар.

Минатата година ја завршивте со конференција на која се говореше за дигитализацијата.Каков е заклучокот на домашните и странски ИКТ компании, како таа делува и помага во време на континуирани кризи од секаков тип? Дали воопшто Македонија има капацитет за брза дигитализација?

-Зависи за каква дигитализација прашувате. Приватните компании кај нас во тој сегмент не заостануваат, но за разлика од тоа ситуацијата со дигитализацијата на администрацијата оди многу тешко. За ефективна дигитализација на администрацијата, покрај ИТ компаниите, потребна е и многу политичка воља што за жал во моментов не постои.

К.В.С.

Слични содржини