Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, денеска излезе на прес-конференција за да го брани ставот на пратеничката група на најезината партија која гласаше против предлогот да се применат електронски нараквици за семејни насилници.
„Предлогот на опозицијата за воведување електронски алки за насилници на прв поглед може да звучи како одлична идеја. Но, предложената иницијатива е недоработена, без сериозна правна и институционална основа“, рече Пешевска.
Според неа, ваквото мешање на различни правни системи може да доведе до сериозни проблеми во примената на законот. Пратеничката дополнително предупреди дека тврдењето оти мерката нема финансиски импликации е нереално.
„Воведувањето на ваков систем подразбира набавка на опрема, техничка инфраструктура, центри за следење, обука на кадар и континуирано одржување. Прашањето е – кој ќе го финансира тоа и како?“, рече Пешевска.
Таа додаде дека во иницијатива останува нејасно кој ќе ги обезбеди електронските алки, кој ќе врши мониторинг и 24-часовно следење, кои институции ќе бидат надлежни и кои други закони треба да се усогласат за да функционира системот. Без овие одговори, како што рече Пешевска, станува збор за политички маркетинг, а не за сериозно законско решение.
Според неа, во случаи кога поранешни партнери имаат заеднички деца, контактот меѓу нив е неизбежен и во такви ситуации електронската алка не го решава проблемот, туку отвора нови компликации во примената на мерките.
Предлагачот на законот, пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, ги отфрли сите забелешки на Пешевска и рече дека собраниското мнозинство покажа дека нема ни волја, ни храброст, ни совест кога станува збор за заштита на жените, без аргумент и без срам.
Претседателката на ЛДП додава дека предлогот за воведување на електронска нараквица не е нов, беше поднесен уште минатата година, но и тогаш истото сценарио: молк, игнорирање, одбивање.
„А што добивме од тогаш до денес? Црни биланси, жени жртви, скршени животи. И изгубени животи. И после сето тоа, повторно истата ладнокрвност. Вчера најавија дека ќе дадат објаснување. Какво објаснување може да се даде после една година молк и повторно молк? Ќе речат законот не е применлив. Еве одговор: применлив е. Се применува на федерално ниво во Босна и Херцеговина. Ќе речат треба да се менуваат други закони. Да, треба да се усогласи Кривичниот законик. Но тоа не е пречка“, кажа Зајкова.