Пешевски до Мицкоски: Додека вие го местите скапиот часовник, македонските работници бројат колку денови им остануваат до исклучување на струјата

„Вие сте мотивиран од газдите во чиј скут седите. Ние не сме тука за да ја срушиме Владата заради некоја партија туку затоа што вие ни го срушивте достоинството“, му порача Пешевски од ССМ на премиерот

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ТВ 24

Претседателот на Синдикатот за градежништво – СГИП при Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски му порача на премиерот Христијан Мицкоски дека „ги навредува работниците со изјавите дека протестот на ССМ е политички мотивиран“.

„Да сме, бидејќи кога ќе го отвори работникот фрижидерот и тој е празен – тоа е политика. Кога работникот нема пари за лекови – и тоа е политика. Кога македонските работници работат за најниската плата во Европа тоа е политика и тоа ваша политика. Вие арогантно стоите пред камерите во костум кој чини 2.000 евра. На раката носите часовник кој вреди повеќе од годишната заработувачка на една текстилна работничка. Додека вие го местите тој скап часовник, македонските работници бројат колку денови им остануваат до исклучување на струјата“, посочува Пешевски во својата јавна објава.

Членот на ССМ смета дека премиерот „нема право да им зборува за политика“, бидејќи, како што објави, „вие сте тој што е политички мотивиран“.

„Вие сте мотивиран од газдите во чиј скут седите. Вие сте мотивиран од профитите на оние кои нè држат во беда, за вие да можете да живеете во луксуз. Ние не сме тука за да ја срушиме владата заради некоја партија. Ние сме тука затоа што вие ни го срушивте достоинството. Затоа, не нè прашувајте кој стои зад нас. Зад нас стои понижениот работник. Зад нас стојат оние кои чесно работат. Зад нас стојат мајки, татковци кои бираат помеѓу лекови и храна. Зад нас народ кој веќе нема што да изгуби.

„Ние сме последната линија на одбрана на достоинството на трудот. И затоа доаѓа нападот, етикетирањето и навредите. Не затоа што некој реално верува дека барањето плата е партиска агенда, туку затоа што власта има потреба да го претвори најчистото и најчовечкото барање во сомнеж, во срам, во „нечија туѓа игра“.

Државата што го замолчува работникот, а си дозволува комфор и раскош како да нема криза ќе се соочи со гневот на народот. Не запираме и не се откажуваме. И последно ви порачуваме. Не се обидувајте да не делите, не праќајте емисари да не заплашите затоа што веќе нема што да изгубиме. Го бараме само она што ни следува, достоинствен приход за нашиот труд. Од тоа нема да се откажеме“, стои во острата порака на Пешевски.

Минималецот да биде 600 евра а останатите плати да се зголемат за 100 евра, побараа Синдикатите на вчерашниот протест во Скопје. Предупредија дека тука нема да застанат ако надлежните останат глуви на барањето за повисоки примања. Стартуваа од пред седиштето на ССМ, продолжија пред Собранието, а завршија пред Владата.

Синдикалците од пред Собранието рекоа дека не треба пратениците да си играат со работничката мака, од чии даноци тие земаат плата.

Од Владата пак остануваат на ставот дека не се против зголемување на платите, туку дека ќе ја почитуваат секоја одлука на работодавачите.