Пешевски: Ќе ги искористиме сите правни механизми да оспориме 60 часовна работна недела

од Nikola Popovski

Алармантниот податок дека само во изминатата година Македонија остана без дури 12.626 градежни работници, Синдикатот го става во контекст на предложените измени на Законот за работни односи, како последен во низата неповолни фактори за градежништвото. Имаат задршка во однос на објаснувањето на Владата дека  работното време од 60 часа неделно ќе важи само за работа на стратешките проекти каков што е изградбата на Коридорите, и стравуваат од можноста ваквата опција да биде превземена и од другите компании.

Во интервју за „Локално“, претседателот на синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, Иван Пешевски вели дека во ваква ситуација останува само вербата дека овој и останатите предлог закони поврзани со изградбата на коридорите нема да помине во собранието по скратена постапка.

Колкави се можностите да се направи измена надвор од досега вопоставените правила за работно време, која во новонастанатите околности ќе значи продолжување на работната недела од 40 на 60 часа?

-60 часовна работна недела најпрвин ќе потенцирам дека престатвува СМРТ по работниците имајќи во предвид дека станува збор за високо ризични работни места и изложеност на надворешни влијание во текот на целиот работен век.  Овој потег на претставниците на власта и пратениците за нас е срамен поради тоа што не само што се уназадуваат работничките права, туку ќе доведе до нов огромен број на повреди, и жртви на градилиштата. Од друга страна пред точно една година токму Синдикатот на градежништво, индустрија и проектирање заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија го оспорија тој “Договор во четири очи” пред Уставниот суд каде не се дозволи со Одлука на Уставниот суд да се работи 60 часа во текот на една недела, но денес истото пробуваат да го спроведат преку Собранието за што исто така ќе ги искористиме сите правни механизми да го стопираме или оспориме ова законско решение. Сите закони и подзаконски акти поврзани со економско-социјалната положба на граѓаните како и Законот за работните односи што претставува Устав за работниците во една држава е носен по претходна согласност на Еконосмко-социјалниот совет каде сите три партнери, Синдикатите, Владата и Работодавачите се согласиле на одредбите, но овој пат тоа не е така поради низа пропусти на Договорот со Бехтел и Енка, па сега се бара излез преку Собранието. Закон наречен „особен интерес“да помине во собранието по скратена постапка за нас е погубно решение не само за Владата туку за целата држава и севкупното граѓанство имајќи на ум дека Бехтел и Енка нема да плаќаат царина и данок, државата ќе плаќа отштета и за бесправно изградените објекти, шумите ќе се сечат без каква било согласност, работниците ќе работат и во недела па единствено за среќа досега само културното наследство се спаси, но не знаеме дали ќе се спаси до крај.

Колкава продуктивност може да се очекува од работниците со вакво работно време? Се создава ли очигледна нерамноправност меѓу работниците? 

-Искрено се надеваме дека нема да се работи во просек 60 часа неделно, бидејќи ова ќе повлече и други сектори да работат по толку часови, бидејќи станува збор за Закон за работни односи кој е генерален закон за сите, а не посебен Закон. Продуктивност наспроти нашите плати во секторот не може да се очекува повеќе и бесмислено е ако очекуваме поголема продуктивност од увезените работници доколку дојдат. Понатаму, се надеваме дека повеќе од половина средства согласно и клаузулите од Меѓународно ратификаните конвенции особено Конвенцијата 94 на МОТ, ќе завршат во домашни компании каде засега си важат и треба за сите да важат веќе донесените домашни закони за кои единствено ние како репрезентативни синдикати сме ги работеле и носеле. Но, постои голема опасност од насилие на носење на Закони по скратена постапка како што видовме во Собранието за донесување на потребата од овие измени во сите 9 закони кои сами по себе ќе го затворат не само секторот градежништво, туку севкупниот воспоставен правен поредок на државата. Се прашуваме зошто воопшто имаме Закон за јавни набавки и Министерство за транспорт и врски кога овој Договор заобиколи се и се донесе на ваков начин. Ова е дефинитивно од особен и јавен интерес, но не по оваа цена каде веќе е извршена првата кражба каква што не памети македонскиот работник и граѓанин да се склучи Договор во вредност од 1,3 милијарди евра без проект и без пресметани трошоци за експропријација. Понатаму одредени членови за казни од државата према Бехтел и Енка доколку се касни со изведба, а веќе по официјалното отворање на проектот не видовме дека некој отпочна со работа.

Може ли вака изменетите одредби да важат и за другите индустрии, па на пример и текстилните работодавачи да ја зголемат работната  недела?

-Доколку станува збор за измена и дополнување во Законот за работни односи секако дека да што претставува директна опасност по сите вработени во државата, бидејќи пак ќе повторам ова е Lex Generalis и важи за сите не само за Бехтел и Енка. Сметам дека во ова матно време ќе пробаат и останати работодавачи да ја искористат можноста да зголемат времетрање на работни часови во една работна недела особено текстилна индустрија, угостителство и туризам и многу други што досега правеа заобиколување на плаќањето на прекувремената работа истото сега да им е легално и никој пат работникот да не добие надоместок за прекувремена работа.

Во работен режим се враќа и неделата иако беше извојувана како неработен ден. Како го толкувате образложението дека се работи за јавен интерес?

-Нема да кажам јавен интерес да е работа што уназадува права, не се плаќа соодветно и не важи Законот исто за сите. За потсетување благодарение на Сојуз на синдикатите на Македонија, недела е неработен ден и тоа покажа и докажа дека е подобро законско решение за сите што сега не работат и имаат сигурен ден за одмор со фамилијата во работната недела. Овие брзи и катастрофални законски решенија секогаш се носат од министри и пратеници кои ниедна недела во животот немаат работено ниту пак работодавачи кои досега исплаќаа зголемена дневница за работа во недела. Лошите владини политики низ годините допринесоа да останеме без квалификуван и високо квалификуван македонски работник кој истиот сега во високо развиенните Европски земји е продуктивен и соодветно платен. За крај ќе потсетам дека за точно една година од минатиот март само во секторот градежништво имаме помалку 12.622 работници согласно податоците на Државниот завод за статистика. Оваа година доколку одиме по планираното на Владата да 96% од севкупните пари на граѓаните се одлеат во странски компании наспроти 4% во домашни компании ќе останеме и безмалку тие работници што ги имаме. Увозот на работници од “третиот свет земји” е тотално неприфатлив за нас и се претходно наведено ќе се бориме до последен работник да не стане реалност во државата која пред очи ја губиме поради некои владини поединци.

К.В.С.

Слични содржини