Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање и член на ССМ, Иван Пешевски денеска порача дека нецел месец ги делат празниците Бајрам и Велигден, два големи празници што треба да значат семејна трпеза, топлина, мир и достоинство, а, наместо тоа, илјадници работници се соочуваат со суровата реалност дека не можат ниту празник да одбележат како што доликува. Пешевски потсетува дека минималната синдикална кошничка за март 2026 година изнесува 67.818 денари, сума што го одразува само неопходното за преживување, не за празнување, не за достоинствен живот. Во исто време, минималната плата во Македонија останува околу 24.000 денари, а просечната едвај достигнува околу 46.000.
-Тоа значи дека дури и работникот со просечна плата секој месец се соочува со дефицит од најмалку 22.000 денари, додека оние на минималец остануваат без над 40.000 денари неопходни за живот. Овие бројки не се претераност, туку најобичен факт дека животот станува поскап многу побрзо отколку што Владата дозволува платите да растат. И додека трошоците се зголемуваат за 2.326 денари само во последните три месеци, усогласувањето на минималната плата изнесува само 1.667 денари, износ што е помал од самиот раст на трошоците на живот. Тоа значи дека секој работник реално станува посиромашен, иако на хартија „платата се покачува“, порачува Пешевски во јавна објава.
Според него, Владата мора да го слушне работникот, а не да се крие зад статистика што не ја одразува реалноста во домовите низ земјава и зад квази синдикалците кои за бедни позиции во политиката го продаваат работникот со давање согласност за оваа беда. Пешевски забележува дека премногу работници се третираат како трошок, а не како луѓе што го создаваат секој ден профитот и напредокот на компаниите.
-Сега е време на работниците да го подигнат својот глас, да го искажат своето незадоволство, да се охрабрат и да сфатат дека токму нивната тишина е оружјето што се користи против нив. Работници, нема од што да се плашиме. Во овој момент зад вас стои моќен и единствен столб – Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Овој сојуз е пообединет од кога било, решителен да ја брани Вашата плата, вашето достоинство и вашето право на нормален, празничен, човечки живот. ССМ не е бирократија – работниците се тие што секој ден го држат ова општество на нозе.
Затоа време е за критичка мисла, време е за гласно барање правда. Владата мора да знае дека работникот гледа и разбира. Работодавачите мора да знаат дека работникот повеќе нема да молчи. А работниците мора да знаат дека никогаш не биле посилни, затоа што конечно се обединети, истакнува, меѓу другото, синдикалецот.
На едно четиричлено семејство во март оваа година му биле потребни 67.818 денари или за 436 денари повеќе од претходниот месец за остварување на основните потреби, покажуваат податоците од синдикалната минимална кошница што ја изработува ССМ.
Според ССМ, со изнајмен стан од 60 квадратни метри основните трошоци за четиричлено семејство за март се 83.193 денари.