Кремљ нема информации за тоа кога телото на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во притвор, би можело да му биде предадено на неговото семејство по завршувањето на потребните процедури, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Ова прашање не треба да ни се упатува нам. Ние не се занимаваме со тоа, тоа не е во описот на работата на претседателската администрација“, наведе Песков, пренесува ТАСС.
Тој оцени дека изјавите на западните политичари, кои го обвинија рускиот претседател Владимир Путин за смртта на Навални, се „дрски“ и додаде дека истрагата е во тек и дека се преземаат сите неопходни мерки, но дека резултатите од истрагата се уште не се јавно објавени.
„Во услови кога нема достапни информации, сметаме дека е апсолутно недозволиво да се даваат вакви, искрено, груби изјави. Непримерно е за државниците од чии усти слушнавме вакви изјави. Се разбира, тие не можат да му наштетат на нашиот претседател, но не им користат ниту на оние кои даваат такви изјави“, порача Песков.
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални почина во петокот на 16 февруари, соопшти Федералната поправна служба на Русија за областа Јамало-Ненец, додавајќи дека Навални се чувствувал лошо по утринската прошетка и изгубил свест, по што неуспешно бил реанимиран.
Навални отслужуваше 30-годишна затворска казна за „основање и финансирање на екстремистичка организација и нејзините активности“, а беше познат и како остар критичар на Кремљ.
Многу западни политичари ги обвинија руските власти и рускиот претседател Владимир Путин за смртта на Навални.