Песков во врска со формирањето суд за руски воени злосторства: „Нема да го прифатиме“

од Stefanija Kuzmanovska
172 прегледи

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска ги осуди повиците на Европската унија за формирање суд за воени злосторства поради руските дејствија во Украина, велејќи дека таквото тело нема да има легитимитет и е неприфатливо за Москва.

„Што се однесува до обидот за формирање некаков суд, тој нема да има никаков легитимитет и нема да го прифатиме, ќе го осудиме“, изјави Песков за новинарите, пренесе „Интерфакс“.

На прашањето како Кремљ ќе реагира на ваквите дејствија, Песков рече дека руските истражители работат на откривање на злосторствата на „киевскиот режим“.

„Многу е важно на сето ова да се додадат податоците за злосторствата извршени од режимот од 2014 година и за кои, за жал, не видовме критика од Западот“, додаде портпаролот на Кремљ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, вчера изјави дека Европската унија ќе се обиде да формира специјализиран суд, со поддршка на Обединетите нации, кој ќе ги истражи и гони наводните воени злосторства извршени од Русија во Украина.

Како што рече таа, ЕУ продолжува да го поддржува Меѓународниот кривичен суд (МКС), со што предлага формирање на специјализиран суд, со поддршка на Обединетите нации, кој ќе ги истражува и гони „злосторствата на руската агресија“.

Слични содржини