Пет деца од клонот на градинката „Орце Никлов“ во Карпош 2 имаат коксаки вирус

од desk2
257 прегледи

Деновиве, во клонот на градинката „Орце Никлов“ во Карпош 2 е регистрирана појава на вироза предизвикана од „Коксаки тип А“ вирусот.

Вирозата за прв пат е констатирана во понеделникот кај две дечиња од јасли (возраст од 0 до 8 месеци), а во вторникот се пријавени уште три случаи, кај две деца од јасли и едно во групата до 3 години, додека вчера и денеска (среда и четврток) нема појава на ниту еден случај со ваква вироза.

Од страна на Општина Карпош и директорката на градинката веднаш е информирани Центарот за јавно здравје, од каде дојде стручен тим, како и Санитарната инспекција по што е направен увид и записник. Констатиорано е дека не станува збор за алармантна состојба и дека се испочитувани сите мерки пропишани со протокол за одржување на санитарно-хигиенска состојба. По увидот, постапено е по сите дадени упатства, односно преземени се сите мерки за целосна дезинфекција на објектот – детската градинка. Превентивно беа повлечени и децата од групата јасли, меѓутоа нивното згрижувањето и натаму продолжува без никаков проблем.

Со цел за благовремено информирање на родителите, денеска, во 16.30 часот ќе се одржи состанок со стручните лица за хигиенска заштита и со лекарскиот тим кој е постојано лоциран во оваа детска установа, за да им се укаже на тоа за каков вид на вироза станува збор и за превентивните мерки кои градинката постојано ги прави, но и за мерките за хигиена кои треба да се почитуваат и дома.

Увид во градинката по повод овој случај, направи и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, заедно со својот тим и стручни лица од Општината и од градинката.

Што е коксаки?

Kоксаки вирусите се едни од најмалите ДНК-вируси што можат да предизвикаат разни заболувања кај луѓето, особено кај децата. Постојат два вида на овој вирус – тип А и тип Б. Вирусот коксаки од типот А е многу посилен според дејството. Вирусот од тип Б, иако според дејството е послаб, се смета за потенцијално поопасен бидејќи може да го нападне срцевиот мускул и да предизвика инфекција со тешки и долготрајни последици.

Коксаки од тип А се нарекува и болест на рацете, стапалата и устата, додека вирусот од тип Б најчесто предизвикува главоболки, треска, болки во стомакот и белодробни тегоби. И двата вида коксаки можат да предизвикаат и менингитис (воспаление на мозокот), миокардитис (воспаление на срцевиот мускул) и перикардитис (воспаление на срцевата обвивка).

Коксаки се пренесува единствено преку фекално-орален пат, па затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“. Вирусите се излачуваат преку столица и се внесуваат орално (преку уста), односно преку нечисти раце кои не се добро измиени при случаен допир на фецес или столица во која ги има. Тоа најчесто се случува при менување пелени, чистење детски нокшири или тоалетни школки.

Најчесто болеста поминува лесно, но може да е и многу опасна

Не значи дека ќе се разболи секој што ќе дојде во контакт со коксаки вирусите. Над 90 отсто од инфекциите со коксаки поминуваат без никакви симптоми, и во тие случаи се работи за клинички неманифестирани инфекции. Но, инфекции од овие вируси предизвикуваат менингитис, миокардитис и перикардитис. Тие може да се развијат кај пет до 10 отсто од заразените. Кај пет до 10 отсто може да се развие и т.н. неспецифично долготрајна супфербилна состојба, односно состојба со благо покачена телесна температура (37-38 Целзиусови степени).

Се штитиме со хигиена

За спречување на ширењето, основна е личната и општата хигиена, како и постојано пребришување на подните површини со влажна крпа, за при чекорење да не се подигаат „облаци“ од невидливи честички прав (на кои може да има вируси), како и често проветрување.