Поп-иконата Кајли Миног неодамна го издаде својот нов студиски албум „Диско“, кој вчера го зазеде првото место на највлијателната музичка топ-листа во Велика Британија.
Нејзиниот петнаесетти студиски албум дебитираше на првото место на највлијателните музички топ листи во Велика Британија, оставајќи ја 52-годишната поп-икона пред нејзините колешки Лејди Гага и Аријана Гранде, што ја прави жената со најголемо деби во 2020 година.
Во исто време, албумот „Диско“ ја круниса Кајли Миног како единствената жена која имала албум број еден во Велика Британија во пет различни децении.
Ова е исто така осми албум на Кајли број еден, со што ги надмина Елтон Џон, Клиф Ричард и Џорџ Мајкл како уметник со најмногу албуми број еден во оваа земја.
„Немам зборови, благодарам“, кратко прокоментира Кајли за британските медиуми.
Во Велика Британија, со своите 29 топ 10 синглови, таа е најуспешна пејачка по Мадона, а досега има продадено 40 милиони синглови и 25 милиони албуми во светот.
Нејзина најпозната песна „Can’t Get You Out Of My Head“ воедно беше прогласена за најпевлива песна на сите времиња.