Пет можни сценарија за иранска одмазда врз Израел

од Vladimir Zorba
51 прегледи

Израел го нападна Иран изминатава ноќ. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување на ураниум во Натанц. Експлозии се слушнале и во Техеран.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац прогласи посебна вонредна состојба низ целиот Израел. Иранците испратија околу стотина дронови во Израел, но израелската армија објави дека ги соборила сите.

САД предупредија дека конфликтот со Иран би бил хаотичен и би можел да го вовлече целиот регион во војна, но Израел сепак одлучи да нападне.

Иако Иран е сериозно ослабен од санкциите во последните години и е сè повеќе изолиран, тој сè уште има капацитет да го дестабилизира регионот и светската економија. Како би можел Иран да одговори? Британскиот весник „Тајмс“ наведе пет можни сценарија.

Сценарио еден: Иран возвраќа со ракетни напади врз американските бази и Израел

Иран поседува илјадници ракети со среден дострел способни да погодат американски бази низ целиот регион – вклучувајќи ги базите во соседен Ирак и воздухопловната база ал-Удеид во Катар. Во 2020 година, откако во американски напад со беспилотни летала беше убиен иранскиот воен командант Касем Сулејмани, Иран испука ракети врз базите во кои се сместени американски војници во Ирак.

Во тоа време немаше американски жртви бидејќи базата беше евакуирана на време по предупредување од Иран. Денес, нападот може да биде многу поширок – таргетирање на повеќе бази истовремено, користејќи ирански сојузници и посреднички групи во Ирак и Јемен, што би го отежнало пресретнувањето на ракетите.

Сценарио два: Иран напаѓа нафтени полиња во регионот

Блискиот Исток произведува околу 30 проценти од светските резерви на нафта, главно во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт. Во септември 2019 година, напад со ракети и беспилотни летала врз саудиски нафтен објект – за кој Саудијците го обвинија Иран – го преполови производството на нафта во земјата и привремено отстрани 5 проценти од светските резерви од пазарот.

Иако Иран оттогаш се приближи до Саудиска Арабија и другите држави во регионот, тој сигнализираше дека може да ги таргетира нафтените полиња во регионот доколку неговите нуклеарни објекти бидат нападнати. Предизвикот за Израел и САД би бил да неутрализираат што е можно повеќе ирански ракетни батерии во првиот бран напади, со цел да се минимизира ефектот од евентуален ирански одговор.

Трето сценарио: Иран го блокира поморскиот сообраќај во Персискиот Залив

Персискиот Залив е клучен за глобалниот транспорт на нафта – до 30 проценти од светските залихи минуваат низ Ормутскиот теснец. Конфликтот би можел да го парализира поморскиот сообраќај по таа рута.

Британската поморска агенција UKMTO (United Kingdom Marine Trade Operations) веќе издаде предупредување до бродовите во регионот да бидат внимателни. Во минатото, Иран минираше и напаѓаше бродови во областа за да изврши притисок врз земјите од Заливот и САД.

Сценарио 4: Иран директно го напаѓа Израел

Иран претходно се закани со понатамошни напади врз Израел доколку израелските сили ги нападнат неговите нуклеарни објекти. Во октомври, како одговор на израелското бомбардирање на иранските ракетни и воздушни одбранбени објекти, Иран испука бараж од ракети кон Израел.

Повеќето од овие ракети беа пресретнати од израелската воздушна одбрана со помош на САД, Велика Британија и Франција, но неколку ракети ги погодија своите цели – тие паднаа на воен аеродром каде што се наоѓа израелската флота борбени авиони Ф-35, само неколку стотини метри од седиштето на израелската разузнавачка агенција Мосад.

Сценарио 5: Сојузниците на Иран се приклучуваат на конфликтот

Хезболах, долгогодишниот главен сојузник на Иран, играше улога во одвраќањето на Израел од напад со децении, но групата е значително ослабена, како и Хамас во Газа.

Иран продолжува да има силна поддршка од Хутите во Јемен, кои редовно испукуваат ракети кон Израел, како и од вооружените групи во Ирак, кои нападнаа и израелски и американски цели во Ирак и Сирија.

Слични содржини