Пет опасни секојдневни навики кои се штетни како пушењето

од Stefanija Kuzmanovska
505 прегледи

Сите знаеме колку е штетно пушењето за нашето тело, но модерното време се карактеризира со фактори кои постепено го поместуваат пушењето од врвот на списокот на смртоносни навики, предупредуваат американски научници.

Еве 5 работи кои нè убиваат, а ги правиме секој ден:

Осаменост
Најновите истражувања покажуваат дека социјалната изолација е исто толку штетна за вашето здравје, како и останатите работи на врвот на „смртоносната“ листа.

Социјалните мрежи и се помалку дружењето „во живо“ со пријателите и колегите доведоа до тоа осаменоста да заземе неверојатни размери.

Професорот по психологија на Универзитетот Бригам Јанг, Џулиен Холт Лунстад, вели дека влијанието на осаменоста врз намалувањето на животниот век е како индивидуа да пуши 15 цигари на ден.

Седечки начин на живот
Седечкиот начин на живот во текот на денот го зголемува ризикот од развој на неколку видови на рак, покажа студија од 2014 година.

На секои дополнителни два часа седење се зголемува ризикот од карцином на дебело црево, карцином на ендометриум, рак на белите дробови, без оглед на тоа дали поединецот вежба преку ден.

Дури и со редовно вежбање, седењето повеќе од осум часа на ден го зголемува ризикот од разни здравствени проблеми.

Недостаток на сон
Американски научници открија дека 50 до 70 милиони луѓе во Соединетите држави страдаат од нарушувања на спиењето. Недоволна количина на сон, предупреди професорот Валериј Гафаров од СЗО, го зголемува ризикот од мозочен удар и срцев удар во иста мера како и секојдневното пушење.

Солариум
Иако употребата на солариум се чини како варијанта на сончање што ја имаме под контрола, може да биде исто толку опасна за организмот како и пушењето.

Уште во 2014 година, дерматолозите докажаа дека прекумерната употреба на солариум предизвикува повеќе случаи на рак на кожата отколку што пушењето предизвикува случаи на рак на белите дробови.

Нездрава исхрана
Слатката и преработена храна богата со заситени масни киселини влијае на развојот на потенцијално смртоносни болести како пушењето. Во 2016 година, научниците кои истражувале смртни случаи како резултат на лоша исхрана заклучиле дека стапката на смртност ја надминува онаа од алкохол, дрога и тутун.

Слични содржини