„Пет тони дрога завршила во соседна Србија преку Македонија, а власта молчи за картелскиот скандал“ – порачаа од СДСМ

СДСМ: Нема одговори ниту за сликите на Мицкоски со криминалецот познат како Симе, уапсен во друг случај со поголема количина дрога, оружје, муниција и голема количина пари

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: МУП Србија

„5 тони дрога завршила во соседна Србија преку Македонија, косопственик од македонска фрима е меѓу уапсените, а власта молчи за овој картелски скандал. Нема одговор кој дозволил преку македонската граница да помине огромна количина на дрога“, порачаа утрово од СДСМ откако вчера беше објавена информацијата дека запленетата марихуана на 29 јануари во Србија била набавена на територијата на Македонија.

Од партијата на Венко Филипче истакнуваат и дека нема одговори ниту за, како што велат, сликите на премиерот Христијан Мицкоски со криминалецот познат како Симе, уапсен во друг случај со поголема количина дрога, оружје, муниција и голема количина пари.

„Со секој нов ден власта на ВМРО тоне сѐ подлабоко во скандали, криминал и корупција. Криминални тендери, дрога од 5 тони, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници вредни 65.000 евра. А нема пари за поголеми плати, нема пари за минимална плата од 600 евра за работниците кои едвај врзвуваат крај со крај“, порачаа, меѓу другото, од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со соопштение: „СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче“.

Вишиот суд во Белград им одреди притвор на три лица што беа уапсени по заплената на петте тони марихуана во регионот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија, пренесуваат тамошните медиуми. Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, а во јануари годинава набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Македонија.

Особено е индикативно што еден од осомничените со иницијали И.Д. е косопственик на компанијата „Алфафарм“, која е регистрирана во скопскиот регион и е наменета за производство и преработка на медицински канабис.

Слични содржини