
Два месеци болните од рак не можат да направат испитувања во ПЕТ центарот, поради тоа што се уште нема реагенси. Директорката на ПЕТ Центарот вели дека потребните материјали ќе ги добијат преку донација и од следната недела пациентите ќе продолжат со дијагностичките процедури, информира ТВ24.
„Веќе од идната недела ќе почнеме со пациентите кои веројатно се во исчекување, јас сум во директен контакт со директорите од онкологија и хематологија, со Министерство за здравство, со Мој термин и со Фондот, така да и писмено и усно ќе бидат сите известени во моментот кога материјалот ќе влезе во институцијата“, вели Емилија Јаневиќ Ивановска – Директорка на ПЕТ Центар
Сепак според директорката обезбедувањето на потрошни медицински материјали и реагенси преку донации не е издржливо и потребно е системско решение.
„Сите сме свесни дека можеби донацијата односно испораката на овие материјали од институции коишто се нели препознатливи по своетот постоењ,е со проектни активности можеби во овој момент беа само помош да застанеме на нозе, односно институцијата да влезе во нашиот здрасвтвен систем“, вели Јаневиќ – Ивановска.
Центарот сега склучил договор со Службата за општи заеднички работи и тие понатаму ќе ги спроведуваат јавните набавки, со што според директорката ќе се спречат вакви проблеми во иднина.
Од Министерството за здравство пак и покрај тоа што за ТВ24 пред еден месец тврдеа дека распишале тендер на почетокот на декември и дека по нова година ќе продолжат со дијагностичките процедури па дури и ќе го зголемат двојно бројот на пациенти – реагенси се уште нема, а листата на чекање се зголемува. Од министерството тогаш за ТВ24 изјавија:
„Пред две недели е почната тендерска постапка за редовна набавка на реагенси и друг потрошен материјал, по чие завршување, речиси двојно ќе се зголеми бројот на пациенти неделно (40/50 неделно). Во меѓувреме правиме напори, согласно одредбите од Законот за јавни набавки да го олесниме овој проблем до негово трајно решавање“, изјавија од Министерство за здравство на 18.12.2017 .
Што се случува со распишаниот тендер и зошто и покрај тендерот ПЕТ центарот бара донации – од министерството одговор не добивме. Не одговорија ниту на прашањето дали нашле трајно решение на проблемот како што најавуваа.