Националната агенција за европски образовни програми поведе итна постапка за суспензија на еден универзитет во Македонија, за кој се тврди дека е блиско поврзан со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Според информациите, одлуката ја донел лично директорот на Агенцијата, Петар Богојески, поради сериозни индиции за злоупотреби поврзани со европски фондови.
Универзитетот, кој веќе бил предмет на неколку новинарски истражувања, се наоѓа под лупа поради сомнежи за продажба на дипломи, нелегитимни запишувања на странски студенти и сомнителни финансиски трансакции. Постои и сомнеж за поврзаност со организирани криминални структури. Богојески ја информирал Европската комисија дека целта на оваа одлука е заштита на угледот и буџетот на Европската Унија, како и обнова на довербата кај македонските граѓани.
Дополнително, тој побарал и поништување на акредитацијата што оваа образовна институција претходно ја добила преку европските програми. Сопственикот на универзитетот, според податоци од медиумите, се соочува со обвиненија за повеќе кривични дела и се наоѓа на црната листа на САД. Постапката е сè уште во тек, но од Националната агенција порачуваат дека ќе сторат сѐ што е потребно за да ги заштитат европските вредности и јавниот интерес.