Репрезентацијата на Македонија до 21 година славеше убедлива победа од 5:1 против соодветната селекција на Бугарија во последниот натпревар од меѓународниот турнир „Анталија Куп 2021″.
Нашите фудбалери одиграа одличен натпревар, доминиравме во сите аспекти од играта, противникот беше во целост надигран, сосема заслужена и убедлива победа.
Македонија уште во првото полувреме си ја најави победата со погодоците во 10. и во 30. минута.
Откако Бугарите успеаја да ублажат на 2-1 во 50. минута, до крајот следеа уште три погодоци во 58., 76. и 80. минута за конечен триумф од 5-1. Два погодоци за Македонија постигна Методија Максимов од Работнички, а по еден запишааа Марио Илиевски, Арби Воша и Берат Калкан.
Единствениот погодок за Бугарија го постигна Доминик Јанков.
„Одигравме три добри и тешки натпревари, полека но сигурно влегуваме во посакуваната форма. Од меч во меч игравме се подобро, што резултираше на крајот со убедлива победа над Бугарија. На првата средба против Казахстан имавме малку потешкотии и неколку грешки , но тоа го поправивме на следните натпревари. Лично сум задоволен од тоа што го покажав во овие три натпревари, секогаш е чест да се носи дресот со државен грб. Тука се и моите соиграчи кои ми помагаат многу, сепак фудбалот е колективна игра и за успех не е доволен само еден играч. Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата, односот со селекторот е на едно високо ниво, секогаш треба да се слуша и почитува неговиот збор. Оваа репрезентација има квалитет и се надевам дека сите заедно во иднина ќе можеме да се радуваме на многу победи“, изјавил капитенот на Македонија, Дарко Чурлинов.
Меѓународниот контролен турнир во Анталија, нашата селекција го заврши со по една победа, пораз и нерешено. Во првото коло бевме поразени од Казахстан со 2:1, одигравме нерешено 2:2 против Словачка, а сигурна и убедлива победа од 5:1 издвојувавме над Бугарија.