Петарди предизвикаа пожар кај Основен суд во Струмица

од desk2
119 прегледи

Во гаража позади Основниот суд во Струмица избувна пожар при што се слушаат силни пукотници и се издига голем чад. На местото на пожарот се две противпожарни возила и десет пожарникари на ТППЕ Струмица кои се обидуваат да го изгаснат пожарот.

Според Александар Гудев, командир на струмичките пожарникари, станува збор за гаража позади судската зграда во Струмица во која најверојатно е сместен одземен пиротехнички материјал.

Гудев додава дека нема опасност од проширување на пожарот и засега најголем проблем при гаснењето се петардите поради што се слуша пукање.

-Нема опасност од проширување на пожарот, потенцира уште еднаш командирот на струмичката ТППЕ.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица изврши увид во гаражата на Основниот суд во Струмица каде попладнево избувна пожар.
Според првичните сознанија, опожарено е едно службено возило на судот, како и предмети одземени со правосилни судски пресуди донесени пред повеќе години. Во насока на утврдување на причините за пожарот, издадена е наредба за прибирање на траги од лице место, како и за прегледување на снимките од видео надзорот над објектот, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.