Петков: Бугарија може да го крене ветото доколку С. Македонија го отвори Уставот

од Nikola Popovski

Бугарскиот премиер Кирил Петков смета дека официјална Софија може да го укине ветото за почеток на преговорите за пристапување на С. Македонија во ЕУ доколку, како што вели „ земјава го отвори и промени Уставот“. Петков во интервју за бугарска Нова ТВ појаснил дека промената на Уставот може да се постави како обврска пред почетокот на преговарачкиот процес.

„Доколку правата на Бугарите во С. Македонија се загарантирани и се дел од пакетот мерки во договорот на нивниот пат кон Европа, ние ќе ги поддржиме. Промената на уставот може да се постави пред првиот критериум што мора да се исполни во преговарачкиот процес. Критериумите што треба да ги исполнат мора да бидат јасно поставени од нас“, рече Петков, додавајќи дека актуелната македонска влада сигнализирала дека е подготвена да тргне по овој пат.

Бугарскиот премиер предложи опција за укинување на ветото без никакви услови. Тогаш, сепак, првото поглавје од преговорите нема да биде отворено доколку не се промени уставот.

„И тогаш тоа не е затоа што Бугарија сака нешто од Северна Македонија, туку затоа што тоа е напишано во нивниот договор со ЕУ, кој го дефинира нивниот пат како земја-членка“, додал Петков.

Тој појаснил дека Бугарија има поддршка за таква опција од своите европски партнери. Според него, за време на посетата на Бугарија, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најавила дека таа може да биде гарант за овој процес и промената на Уставот на Северна Македонија да биде вклучена во рамковниот договор пред да почнат преговорите за првото поглавје. Петков додал дека тоа може да се случи само доколку Бугарија го побара тоа.

Слични содржини