Премиерот на Бугарија Кирил Петков вчера изјави дека е подготвен да ја води државата со малцинска влада, откако неговиот коалициски партнер Слави Трифонов објави дека се повлекува од владејачката коалиција.
Петков дојде на чело на владата во декември минатата година и започна отворена борба против системската корупција во земјата, а по почетокот на војната во Украина, цврсто ги поддржа сите одлуки на сојузниците на НАТО во земја во која односите со Русија се длабоко вкоренети, објави Политико.
Шест месеци по преземањето на премиерската функција, Петков го загуби парламентарното мнозинство бидејќи лидерот на партијата „Има таков народ“, поранешниот пејач Трифонов, одлучи да повлече четворица негови министри од владата.
Трифонов рече дека таа одлука ја донел поради несогласувањата со Петков за буџетот, како и поради тоа што премиерот е подготвен да го укине ветото за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската унија.
Откако Трифонов излезе од владејачката коалиција, Петков има поддршка од 109 пратеници во парламентот, а за да обезбеди мнозинство му требаат 121 глас.
Преостанатите два коалициски партнери во владата, Социјалистичката партија и антикорупциската Демократска партија, соопштиле дека остануваат со премиерот.
Петков вчера изјави дека нема да поднесе оставка, бидејќи смета дека доволен број пратеници на партијата „Има таков народ“ во парламентот ќе продолжат да ја поддржуваат владата, без разлика на одлуката на Трифонов.
Аналитичарите, пак, сметаат дека по заминувањето на Трифонов од владата, Бугарија повторно ќе се најде во политички ќор-сокак, како и лани, кога трипати се одржаа парламентарните избори.